Хуманитарен настан за доизградба на црквата „Св. Димитрија" во делчевско Габрово
- Во делчевското село Габрово се одржа најавената хуманитарна забава за доизградба на црквата „Св. Димитрија". Како што информираше организаторот Зора Димитровска, иселеник во Швајцарија, средб
Делчево, 1 август 2022 (МИА) - Во делчевското село Габрово се одржа најавената хуманитарна забава за доизградба на црквата „Св. Димитрија". Како што информираше организаторот Зора Димитровска, иселеник во Швајцарија, средбата се организира неколку години по ред и е наречена хуманитарна, заради донациите кои се собираат од сите кои присуствуваат на истата.
-Црквата „Св.Димитриј" е веќе при крај благодарение на донациите од ваквите средби организирани низ годините. Црквата е веќе целосно исцртана внатршено, опремено е крштелното кое исто така е исцртано со икони. Останува да направиме уште една мала зграда, за во неа да се сместат „стварите" и да се доуреди дворот кој половина е веќе среден, рече Димитровска.
Изрази благодарност до сите кои донираа досега и најави дека хуманитарната вечер ќе продолжи како традиција, со тоа што по доизградбата на црквата ќе се помага онаму каде е најпотребно.
Роберт Боби Златковски, кој и годинава беше задолжен за подготвувањето храна во рамки на хуманитарната вечер, изрази задоволство што на ваков начин се собираат сите од Габрово.
-Ова е прекрасно, секоја година се одржува забавата и еве упатувам покана и луѓе од подалеку да дојдат и да бидат дел од оваа навистина прекрасна забава, додаде Златковски.
Во рамки на хуманитарната вечер, присутните ги забавуваше групата „Модерато“ и вокалниот солист Сања Цинцева, додека свој настап имаа и младите инструменталисти при ЗФГ „Копачка" Драмче, Делчево. вс/рп/