• сабота, 23 ноември 2024

Хамнеи: Хезболах е најголемиот бранител на Либан од Израел

Хамнеи: Хезболах е најголемиот бранител на Либан од Израел

Техеран, 25 октомври 2024 (МИА) – Иранскиот врховен верски лидер, ајатолахот Али Хамнеи, вчера изјави дека либанското шиитско движење Хезболах, кое има финансиска и воена поддршка од Техеран, е „најголемиот бранител на Либан“ од Израел, пренесоа француските медиуми.

На 23 септември израелската армија почна да изведува интензивни воздушни напади врз бастионите на Хезболах во Либан, а од 30 септември започна и копнена операција против либанското движење.

-Хезболах е најголемиот бранител на Либан и најголемиот штит против алчноста на ционистичкиот режим, кој веќе долго време цели кон распаѓање на Либан, рече иранскиот врховен лидер.

Откако Исламската Република беше основана во Иран во 1979 година, за официјален Техеран палестинската кауза е еден од столбовите на надворешната политика. Иранските лидери не ја признаваат државата Израел.

Забелешките на ајатолахот Хамнеи уследија по изјавата на Хезболах од пред два дена со која се потврди смртта на Хашем Сафиедин, кој се сметаше за наследникот на Хасан Насрала на местото лидер на шиитското движење. Насралах беше убиен во израелски воздушен напад кон крајот на минатиот месец.

Израелската војска соопшти дека го елиминирала Хашем Сафиедин претходно овој месец, во напад во близина на Бејрут.

Хезболах успеа да го „спаси Либан од ризикот од распаѓање“, нагласи ајатолахот Хамнеи.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан