Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО во Битола
- Креативни градови за филм од мрежата на УНЕСКО денеска во Битола одржуваат форум на тема „Одржливи и еколошки практики во филмот и креативните индустрии“.
Битола, 6 декември 2024 (МИА) - Креативни градови за филм од мрежата на УНЕСКО денеска во Битола одржуваат форум на тема „Одржливи и еколошки практики во филмот и креативните индустрии“.
Форумот е со цел да ја зајакне соработката меѓу градовите членки на мрежата на УНЕСКО и да промовира еко-практики во филмската индустрија.
Програмата денеска се одвива во Офицерски дом каде ќе се одржи панел-дискусија на тема „Одржливост во филмската и креативната индустрија кон изградба на одржливи градови“, со учество на меѓународни панелисти, презентации на добри практики преку искуства и примери од градовите членки на УНЕСКО, меѓу кои и повеќе домашни претставници.
Се очекува форумот да поттикне размена на идеи и најдобри практики меѓу градовите членки на мрежата, со фокус на еколошки одговорна продукција во аудиовизуелниот сектор, да се воспостават нови соработки и да се разгледа можноста за потпишување меморандуми за соработка меѓу градовите. Заклучоците од Форумот ќе служат како основа за идни политики и платформи за поддршка на локалниот аудиовизуелен сектор.
Форумот го организира Здружението за филмска уметност Центар за филм Битола, а вечер од 19 часот ќе има проекции на кратки и играни филмови со фокус на одржливост и еко-продукција од градовите-членки на мрежата. мт/мд/
Фото: Центар за филм-Битола