• понеделник, 23 декември 2024

Фон дер Лајен: Нападите на Хамас врз Израел донесоа огромно страдање на израелскиот народ и невините Палестинци

Фон дер Лајен: Нападите на Хамас врз Израел донесоа огромно страдање на израелскиот народ и невините Палестинци

Брисел, 7 октомври 2024 (МИА) - Не може да има оправдување за терористичките акти и варварски напади на Хамас врз Израел, кои уште еднаш најсилно ги осудувам, наведе претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по повод годишнината од ланските напади на палестинската исламистичка група врз израелската територија во кои беа убиени 797 цивили, меѓу кои 36 деца и 379 припадници на безбедносните сили, околу 3400 лица беа ранети, а 251 Израелец беа одведени како заложници. 

- На 7 октомври 2023 година, светот се разбуди со ужасни слики на неискажливо дивјаштво, сцени кои засекогаш ќе останат врежани во нашите умови. Тие донесоа огромно страдање не само на народот на Израел, туку и врз невините Палестинци. На оваа трагична годишнина сакам да оддадам почит на жртвите. Европската Унија жали за сите невини луѓе чии животи се уништени од тој кобен ден, наведе Фон дер Лајен во изјавата. 

Таа потсетува дека ЕУ постојано повикува на итен прекин на огнот во Газа, безусловно ослободување на сите заложници и за прекин на конфликтот, како и дека ги поддржува тековните дипломатски напори за постигнување сеопфатен договор 

Според Фон дер Лајен, една година подоцна, хуманитарната ситуација во Газа е ужасна, па затоа ЕУ ќе продолжи да прави се што е во нејзина моќ за да обезбеди финансиска поддршка и да ја олесни испораката и дистрибуцијата на хуманитарна помош, како до палестинскиот народ, така сега и во Либан. 

- Терористичките напади на Хамас врз Израел поттикнаа спирала на насилство што го доведе целиот регион во состојба на екстремна тензија и нестабилност. Сите страни мора да дејствуваат одговорно, воздржано и да се ангажираат за деескалација на сегашните тензии, наведува претседателката на ЕК. 

Фон дер Лајен потенцира и дека додека работи на справување со сегашната криза, Европската Унија настојува да помогне да се подготви теренот за идните чекори во мировниот процес.  

- Ќе ги поддржиме сите напори за постигнување услови за траен мир, што ќе доведе до решение за создавање две држави - Израел и Палестина, кои ќе коегзистираат една покрај друга во мир и безбедност. Тоа е единствениот остварлив пат напред за конечно да се стави крај на страдањето, нагласува Фон дер Лајен. 

Таа, исто така, истакна и дека ЕУ сочувствува со еврејските заедници ширум светот во услови на нагло зголемување на антисемитските инциденти.  

- Мора колективно да се бориме против ова зло каде и да се шири - вклучително и онлајн. Ќе продолжиме да ја имплементираме, а по потреба и да ја ажурираме, нашата Стратегија за борба против антисемитизмот. Ќе посветиме повеќе ресурси за оваа цел. Секој треба да биде слободен да ја исповеда својата вера во нашата Унија. Се гордееме со нашата различност. Мораме да ја заштитиме по секоја цена, додава Фон дер Лајен во пораката по повод годишнината од ланските напади на Хамас врз Израел. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан