• понеделник, 23 декември 2024

Филипче: Со Законот за локална самоуправа интересите на граѓаните се маргинализирани

Филипче: Со Законот за локална самоуправа интересите на граѓаните се маргинализирани

Струмица, 11 септември 2024 (МИА) - Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска изјави дека нивната пратеничка група нема да го поддржи законот за локална самоуправа, по скратена постапка. Тој вели со овој закон интересите на граѓаните се маргинализирани и дека е очигледно дека има договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ДУИ.  

- Ние нема да го поддржиме овој закон заради една друга работа, а тоа е што интересите на граѓаните со овој закон се целосно маргинализирани, оставени се на маргините на овој политички пазар направен помеѓу овие партии, односно коалиции. Никој не се прашува каде е најдемократската алатка за отчетност во однос на тие кадри коишто беа градоначалници, сега се на други позиции. Едноставно никој не се грижи за тоа, изјави денеска во Струмица претседателот на СДСМ,

Според него, во однос на Законот за локална самоуправа очигледно е дека веќе има договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ДУИ, и се поставува прашањето како сега ДУИ не е фактор на дестабилизација, односно дали како веќе укажан фактор на дестабилизација од страна на ВМРО-ДПМНЕ токму Владата и ВМРО-ДПМНЕ не се веќе дестабилизирани.

Додаде дека станува збор за големи општини, меѓу кои и Општина Аеродром, како многу значајна скопска општина, која што тогашниот градоначалник сега министер за надворешни работи, како што рече, ја оставил да тоне во ѓубре, нереализирани ветувања и проекти и нека најава дека нешто од тоа ќе се среди.

Во однос на укинувањето на балансерот при вработувањето, кое беше едно од најголемите изборни ветувања на власта, лидерот на СДСМ смета дека тоа е само уште една голема лага на ВМРО-ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски, на ЗНАМ и на Максим Димитриевски.

- За жал, клекнаа на колена и го погазија даденото ветување. Тоа беше дел од една навистина голема лага за време на кампањата така наречената „Горда Македонија“ во која што ќе ги кратеа правата и функциите и инструментите коишто ги имаа Албанците. Со таа кампања тие добија огромна поддршка и дојдоа на власт. За жал, сега кога луѓето ја сфаќаат вистината, кога тие ги газат сите свои ветувања луѓето се чуствуваат понижени и разочарани затоа што сфаќаат дека биле излажани, додаде Филипче.

На зошто платформата на Мицкоски со десетте принципи на е прифатлива за СДСМ, Филипче смета дека се што понудил премиерот пред два дена е дијаметрално спротивно на политиките коишто премиерот ги води.

-Имено, се залага во своите неколку точки за департизација, а тоа што сега се случува во институциите е целосна партизација, се назначуваат луѓе само по партиска основа, а тие коишто припаѓаат на друг политички субјект или се преместуваат или се деградираат, па дури и се преместуваат на работа во други градови. Понатаму, гледаме дека најавата за борба против корупција, криминал, со неправилности во работата за жал само е најава, премиерот не се грижи за тоа како се однесуваат неговите најблиски соработници очигледно правејќи престапи на многу нивоа и ние за тоа ја запознавме јавноста во изминатиот период. Понатаму, зборува за некаков напредок на земјата не гледаме ниту еден чекор со којшто се обезбедува идниот напредок на земјата во рамките на евроинтегративниот процес, рече Филипче. 
 
Посочи дека во овој момент не гледат дека ВМРО-ДПМНЕ има чесни намери во понудата за соработка. Сметаат дека е тоа само понуда за да се обезбеди партнер за да поминат некои нивни теснопартиски или лични интереси.

На друго новинарско прашање за евентуална интерпелација на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, лидерот на СДСМ не одговори конкретно, но истакна дека со сите инструменти што им стојат на располагање ќе се борат против сите неправилности, бидејќи според Филипче ВМРО - ДПМНЕ и премиерот ги погазиле сите ветувања за отчетна, искрена и чесна работа. рт/ев/

Фото: МИА архива

Остани поврзан