• понеделник, 23 декември 2024

Уште една измама за набавка на огревно дрво во Куманово

Уште една измама за набавка на огревно дрво во Куманово

Куманово, 5 јануари 2024 (МИА) - Уште една пријава за измама при купување огревни дрва евидентира кумановската полиција. Последната измама беше регистрирана денеска, информираа од СВР Куманово. И овој пат повозрасен кумановец е жртва на измамник.

-Денеска во 13:10 часот во СВР Куманово, 74-годишен маж од Куманово пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 3.000 денари. Според пријавеното, лицето му понудило огревно дрво и откако се договориле му побарало пари за да го наполни камионот со гориво и дека ќе ги донесе, но не се вратило. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти полицијата.

Лани, на подрачјето на Куманово беа регистрирани неколку пријави за измами поврзани со набавка на огревни дрва. Претходната  година дури 14. Од полицијата објаснуваат дека сторителите доаѓаат во домовите, обично на повозрасни лица, ги доведуваат во заблуда со лажно прикажување на факти дека продаваат огревни дрва, ги наведуваат да им ги платат под изговор дека камионот со огревни дрва е во близина и дека ќе им бидат донесени, ги земаат парите, не им носат дрвата и заминуваат.

-СВР Куманово континуирано презема превентивни мерки и апелираме до граѓаните да бидат претпазливи, а особено повозрасните кога непознати лица им нудат огревни дрва за пониска цена од продажната, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават на бројот 192, велат од СВР Куманово. ам/сх

Фото: МИА Архива

Остани поврзан