Ученици произведоа крем за раце од масло од гроздови семки
Кавадарци, 27 ноември 2024 (МИА) - Средношколци од фармацевтска струка во Кавадарци произведоа крем за раце од масло од гроздови семки, информираа вечерва од средното општинско училиште ,,Ѓорче Петров". Оттаму нагласија дека ова е уште еден производ плус во училишната фармацевтска лабораторија.
- Учениците од IV- 5 фармацевтски техничари под менторство на професорот Блаже Ѓорчев, изработија нов производ, крем за раце од масло од семки од грозје и арган, по повод одржувањето на манифестацијата во чест на младото вино, што традиционално се одржува секој ноември во нашето училиште, појаснија од оваа воспитно - образовна установа.
Притоа истакнаа дека маслото од семки од грозје има исклучително голема функција при негата на кожата, содржи букет од фенолни соединенија со антиоксидантни, антибактериски и антиинфламаторни својства, содржи омега-6 масни киселини, полифеноли, витамин Е.
Од училиштето нагласија дека ваквото масло се користи како основа за производство на локални дејства на кожни лекови, бидејќи обезбедува многу добро впивање и пенетрација на активните состојки во длабочина.
- Дрвото арган од видот Argania spinosa, познато и како течното злато на Мароко, е еден од најстарите видови на дрво на земјата. Арганово масло е едно од ретките и најскапите масла на светот. Неговите тајни својства беа откриени во поново време во светот на убавината, сега се многу добро познати за козметичките придобивки. Аргановото масло има широка употреба и мултифункционалност. Се употребува на кожата, косата, ноктите и усните. Ја регулира влажноста, ги регенерира клетките и има хранливо и балансирачко дејство, подвлекоа од училиштето во Кавадарци. свд/ир/
Фото : Училиште ,,Ѓорче Петров" Кавадарци