• понеделник, 23 декември 2024

Уставниот суд ќе одлучува за иницијативата за постапувањето на телекомуникациските оператори со податоците за претплатниците

Уставниот суд ќе одлучува за иницијативата за постапувањето на телекомуникациските оператори со податоците за претплатниците

Скопје, 25 септември 2024 (МИА) - Уставниот суд денеска расправаше за Законот за електронски комуникации кој пропишува обврска за телекомуникациските оператори да задржуваат податоци за електронските комуникации на сите претплатници во период од 12 месеци, без судска одлука за тоа.  Во иницијативата, покрај горенаведениот  член 178 од Законот за електронските комуникации се оспорува и член 176 став 3 од истиот закон кој пропишува дека операторите се должни задржаните податоци за електронските комуникации на претплатниците по барање да им ги достават на надлежните органи по услови и постапка утврдени со закон.

Судијата известител за предметот, Татјана Васиќ Бозаџиева, посочи дека станува збор за задржување на мета податоци кои не ја откриваат содржината на пораките.

- Станува збор за мета податоци, а не содржината на пораките, туку, открива испраќач, примач, локација. Мета податоците не се податоци кои зборуваат за содржината, тоа е друг закон, Закон за следење на комуникации, појасни Васиќ Бозаџиева.

Според неа, мерката задржување на податоци претставува ограничување на уставното право за неповредливост на писмата и други начини на комуникација.

- Законот мора да гарантира независност на чување на податоците. Мора да се знае под кои услови и за кои цели се чуваат, да има независни органи кои ќе вршат контрола, граѓаните мора да бидат информирани, дополни судијката.
Посочи дека законот не го исполнува меѓународните принципи бидејќи обезбедува масовно и неограничено, следење на комуникациите на сите нас и законот не регулира што потоа со дадените податоци.

Судијата Осман Кадриу истакна дека станува збор за правно издржана иницијатива, аргументирана со правно релевантни факти.

-Регулативата дијаметрално отстапува од регулативата во Уставот. Вака како што е уредено, следењето на комуникациите, тоа да се врши само по налог на државниот орган, без да има одлука на суд, секогаш претставува можност правата на човекот да бидат повредени. Затоа што државниот орган без критериуми може да ги активира овие механизми кога тој ќе смета дека тоа е потребно, рече Кадриу, дополнувајќи дека ќе го предложи предлогот за поведување на постапка.

Судијката Добрила Кацарска посочи дека, според неа, е небулозно некои податоци да се бришат за 12 месеци, а оние до кои некои органи имаат пристап, да немаат рок до кога ќе се чуваат.

-Не може да има чување на податоци без судот да даде одобрение. Не може тоа да биде ретроактивно, некој да ги чува тие податоци а судот да се произнесе после извесен период. Без вклученост на судот не може никој никого да следи, рече Кацарска.

Судијката Ана Павлова Данева го постави прашањето, споделувајќи дека праксата во Европа е да се следат мета податоците, дали ќе бидеме единствените кои нема да можат да собираат мета податоци, на што судијката Кацарска одговори дека доколку се укинат овие одредби, законодавецот ќе треба да го среди законот.

Судијката Јадранка Дабовиќ Анастасовска истакна дека, исто така, ќе го поддржи рефератот. Додека, судијата Фатмир Скендер го постави прашањето дали би дошло до некакво оневозможување во постапување на органите на прогон.
Претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски, посочи дека, како што рече, „не постои дилема дека ни ќе поведеме постапка, исходот се знае и го поддржувам тој предлог“, меѓутоа, како што дополни, прашање е дали ќе се направи некое пореметување.

-Не знам дали законодавецот ќе биде ревносен, што ќе значи нашата укинувачка одлука, дали тие мета податоци се важни за безбедноста на државата, рече тој.
Дополни дека постои можност со Актот да се наложи на законодавецот во рок од шест месеци да ја уреди регулативата.

Подносителите на иницијативата сметаат дека оспорените одредби од Законот не содржат доволно гаранции против евентуална злоупотреба од страна на овластениот орган со дадената техничка можност за континуирано и самостојно следење на електронските комуникации на граѓаните, како и при прибирањето на потребните податоци во врска со остварена комуникација. Во отсуство на јасни законски одредби во врска со следењето на комуникациите, според нив, постои ризик за создавање наограничена моќ, во спротивност со принципот на владеењето на правото и човековите права на приватност и заштита на личните податоци. 

Подносители на иницијативата се ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии од Скопје, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија од Скопје, Асоцијација за развојни иницијативи – Зенит Скопје од Скопје, Форум за истражување на безбедносни политики СЕКУРИТАС од Битола и професор д-р Трпе Стојановски од Скопје.

Одлуката по однос на иницијатувата Судот ќе ја донесе по завршување на седницата. ар/лв/

фото.МИА архива  

Остани поврзан