• вторник, 26 ноември 2024

Унгарија сега ја поддржува кандидатурата на Шведска за членство во НАТО

Унгарија сега ја поддржува кандидатурата на Шведска за членство во НАТО

Стокхолм, 7 март 2023 (МИА) - Делегацијата на унгарскиот Парламент, која се наоѓа во посета на Шведска, по денешната средба со претседателот на шведскиот Парламент, Андреас Норлен, соопшти дека Будимпешта ќе ја поддржи шведската кандидатура за членство во НАТО.

Унгарските пратеници претходно не беа подготвени да ги поддржат барањата на Шведска и Финска за членство во НАТО, бидејќи тие две земји „шират лаги“ за состојбата на демократијата во Унгарија. Меѓутоа, унгарската делегација денеска посочи дека парламентот во Будимпешта сепак ќе го ратификува барањето на Шведска да стане членка на НАТО.

Заменик-претседателот на унгарскиот Парламент, Чаба Хенде, за шведската новинска агенција ТТ изјави дека Унгарија „го поддржува членството на Шведска во НАТО“.

-Јасно е дека унгарската Влада, претседателот, премиерот и мнозинството парламентарци го поддржуваат членството на Шведска во НАТО, рече тој.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ги поздрави изјавите на унгарските претставници од Брисел.

Делегација од унгарскиот Парламент, исто така, се состана со шефот на шведската дипломатија, Тобијас Билстром, кој кажа дека „претпоставува дека ратификациите ќе дојдат многу скоро“, наведувајќи го крајот на март како очекуван датум.

Унгарската делегација планира да ја посети и Финска за да ги разјасни своите позиции.

Освен Унгарија, Турција е единствената членка на НАТО која се уште ја нема ратификувано одлуката за прием на Шведска и Финска во НАТО. сд/

Остани поврзан