• петок, 22 ноември 2024

УКЛО-Битола со нов имиџ и повеќе студенти во алијансата КОЛОРС

УКЛО-Битола со нов имиџ и повеќе студенти во алијансата КОЛОРС

Битола, 23 октомври 2024 (МИА) - Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола повторно ја надмина бројката од 1000 запишани студенти во прва година што ќе студираат на прв циклус студии, и е еден од ретките во државата кој забележува раст на бројот новозапишани студенти. Анализата покажува дека тоа е резултат на зголемените ангажмани на ректорската управа, зголемената видливост на Универзитетот и секако зачленувањето на УКЛО во европската алијанса на универзитети КОЛОРС.

Процентите се немилосрдни, а бројките фактографија од која се воочува дека УКЛО-Битола новата академска година ја почна со над 40 отсто од капацитетот, што е за 10 проценти повеќе од минатата година.

-Ја достигнавме за нас магичната бројка од 1000 новозапишани студенти и запишавме точно 1102 студенти и имаме раст од скоро 12 проценти на бројот на запишани студенти во однос на минатата година. Важно е да се истакне дека тоа е во ситуација кога бројот на матуранти годинава, споредено со лани, е намален за околу 5 проценти. Интересот за упис е во пораст за повеќето програми на универзитетските единици и што исто така е важно, од оваа година за дел од предметите или делови од предметите сите студенти може да аплицираат во сите циклуси за студирање и да ги слушаат на еден од деветте универзитети членки на Алијанса КОЛОРС. Од оваа академска година благодарение на КОЛОРС повеќе 4000 студенти на УКЛО се составен дел од околу 120000 студенти на КОЛОРС, вели проф. д-р Игор Неделковски, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола.

Од анализата на документацијата лесно се воочува дека и годинава во т.н. топ-3 листа на најбарани факултети на УКЛО се Факултетот за безбедност со седиште во Скопје кој новата академска година ја почна со 65 отсто од капацитетот за студенти бруцоши, Факултетот за информатички и технолошки комуникации во Битола со 55 проценти од капацитетот и Правниот факултет со седиште во Кичево со 45 отсто од капацитетот.

Факултетот за безбедност Скопје огласи 280 места, во трите уписни рокови во целост ги исполни категоријата редовни студенти и скоро целосно вонредни студенти затоа што од вкупно 20 на почетокот останаа непополнети само 4 места, по две за насоките „Криминалистика“ и „Криминологија и криминална политика“. Споредено со другите универзитетски единици, Факултетот за безбедност-Скопје, успешно изврши упис на студенти и за квотата предвидена со кофинансирање во студирањето. Факултетот за информатички и комуникациски технологии-ФИКТ создаде услови за студирање на 250 студенти, а во четвртиот уписен рок оставен беше простор за само 112 кандидати. Интересно е што во сите уписни рокови ниту еден кандидат не се јави за студирање со кофинансирање, додека пак во пораст е желбата за вонредно студирање. Тоа упатува на заклучокот дека некои студенти сакаат истовремено да работаат и да студираат, ситуација која е исклучително логична за овој профил студенти. Според анализата, на ФИКТ и понатаму најголем интерес има за насоката „Информатички науки и комуникациско инженерство“. Во листата најбарани е и Правниот факултет со седиште во Кичево кој годинава овозможи да се запишат 215 студенти за насоките „Правни студии“ и „Политички науки и дипломатија“ во Битола, Кичево и Струга. Според анализата, генерално квотата е исполнета со над 45 отсто од вкупниот капацитет за бруцоши, но разочарувачки низок е интересот за студирање на насоката „Политички науки и дипломатија“ во трите градови каде факултетот овозможува студирање.

Во групата на универзитетски единици кои годинава бележат зголемување на бројот на запишани студенти се Техничкиот факултет, а тука се и Педагошкиот факултет, Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, Економскиот факултет-Прилеп, Факултетот за биотехнички науки  и Високата медицинска школа.

На Техничкиот факултет од понудените седум струки половичен интерес е забележан за насоките „Сообраќајно-транспортно инженерство“, „Графичко инженерство и дизајн“ и „Инженерство за заштита на животната и работната средина“, додека процентуално најмал е интересот за насоката „Мехатроника“. Споредено со истиот период од минатата година, сепак има поголем интерес, вели деканот, проф. д-р Митко Костов.

- Радува фактот што оваа година имаме зголемен интерес за студирање за околу 25 проценти повеќе, споредено со минатата година. Големото семејство на Техничкиот факултет е уште поголемо и побогато за над 130 студенти бруцоши кои се приклучуваат на околу 500 активни студенти на факултетот. За нас е важно што матурантите се одлучуваат да студираат технички науки, а ние пак за возврат им подготвивме бруцошки информатор кој веднаш ќе ги воведе во академскиот процес, истакнува Костов.

Педагошкиот факултет-Битола во новата академска година влегува со 38 отсто од вкупниот капацитет, а како во другите универзитетски единици, најмал е интересот за категоријата вонредни студенти бидејќи пријавени се само 9 кандидати, додека пораст има за категоријата редовни студенти, а најголем интерес е регистриран за насоката „Англиски јазик и книжевност“. Факултетот за биотехнички науки во Битола обезбеди 30 отсто од вкупната понудена квота за упис на студенти бруцоши. Интерес за студирање е покажан за трите понудени категории, а најживо ќе биде меѓу редовните студенти „Квалитет и безбедност на храна“ кои годинава се најбројни, наспроти другите струки и насоки што ги нуди факултетот.

Во очекување на стартот на битолскиот Медицински факултет, средношколците кои сакаат да се едуцираат во сферата на здравството ги користат можностите на Високата медицинска школа. Според првичните податоци, интересот за упис е голем и видлив, запишани над 41 отсто, а во првите три уписни рока целосно се исполнети насоките за „Медицинска сестра-техничар“, „Медицинско-лабараториски аналитичар“ и „Физиотерапевти“, додека само 1 слободни место беше објавено за насоката „Радиолошки технолози“ и 3 за „Акушерки“. Како и во останатите универзитетски единици, така и на Високата медицинска школа мал е интересот за студирање со партиципација која на универзитетските единици изнесува 400 евра. Слаб интерес за студирање со кофинансирање е регистриран и на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид каде за 99 слободни места, во првите три уписни рокови се пријавиле само 7 кандидати, но интерес е покажан за вонредно студирање и посебно за насоката „Хотелско-ресторантски менаџмент“. На ФТУ-Охрид според првичните податоци слаб е интересот за студирање во програмата на англиски јазик каде на располагање се насоките „Туризам“ и „Царина и шпедиција“. Економскиот факултет-Прилеп во трите категории за студирање, можеше да запише 200 во категоријата редовни студенти, 30 бруцоши со плаќање на 400 евра школарина во студирањето и 18 за вонредно студирање, но според анализата на податоците, ниту еден студент не се јавил за студирање со кофинансирање, додека само 6 студенти се пријавиле за вонредно студирање.

Во оваа академска година, процентуално под 30 отсто од капацитетот, најмал упис е регистриран на Технолошко-техничкиот факултет во Велес и на Ветеринарниот факултет во Битола. Иселувањето на младите и намалениот број на производствени и индустриски капацитети кои делуваат во секторот прехранбена индустрија се суштинската причина за само 20 студенти да се запишат на Технолошко-техничкиот факултет во Велес кој ги понуди насоките „Прехранбена технологија и биотехнологија“ и „Нутриционизам“.  Но, добро е што токму на овој факултет е зголемен интересот за студирање на втор и трет циклус на студии. Според анализата, Ветеринарен факултет-Битола во новата академска година стартува без запишани студенти во категоријата за студирање со кофинансирање, а 13 ќе студираат на насоката „Ветеринарна медицина“.

Генерално, Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола полека, но сигурно го враќа стариот сјај и се повеќе станува магнет за студирање, особено со зачленувањето во алијансата на европски универзитети КОЛОРС. 

Марјан Танушевски

Фото: МИА

Остани поврзан