• понеделник, 23 декември 2024

УКИМ стана член на Science|Business мрежата на универзитети, компании и истражувачки организации

УКИМ стана член на Science|Business мрежата на универзитети, компании и истражувачки организации

2 октомври 2024

На маргините на министерската конференција, Универзитетот„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје стана член на престижната Science|Business мрежа на универзитети, компании и истражувачки организации, и беше домаќин на конференција организирана од страна на Science|Business на тема „Улогата на Југоисточна Европа во одржување, градење и меѓусебно поврзување на истражувачките и иновативните инфраструктури во Европа“. Конференцијата беше наменета за дискусии од областа на истражувањата, науката и иновациите, со фокус на можностите за зајакнување на европската истражувачка област и интеграција на истражувачката инфраструктура на локално и европско ниво.

На конференцијата се обединија истражувачи, иноватори, претставници од академскиот и бизнис секторот, кои заеднички може да придонесат за зголемување на истражувањата и иновациите, кои водат кон зајакнување на европската истражувачка област.

Ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, во својот поздравен говор истакна дека денес истражувањето и иновациите се поважни од кога било, бидејќи тие се тесно испреплетени и поттикнуваат унапредување на различни полиња, придонесувајќи за општествениот напредок.

„Заедничките истражувачки иницијативи, усогласувањето на политиките, вмрежувањето и комуникацијата, пристапот до програмите за финансирање и поддршка, како и размената, може значително да ги подобрат истражувачките способности и да ги поттикнат иновациите“, нагласи ректорката Ангелова.

Таа, на присутните им порача дека заедничката работа е од витално значење за лесно надминување на предизвиците насочени кон зелена и дигитална транзиција, како и за создавање поотпорна средина. „Треба да поттикнеме активна соработка меѓу високообразовните институции, научните центри и приватниот сектор за да промовираме заеднички применети истражувања и иновации“, рече таа.

Ангелова потенцираше дека идните цели на УКИМ се насочени кон градење повеќе стратешки партнерства меѓу локалната и европската истражувачка инфраструктура, кои заеднички можат позитивно да придонесат кон процесот.

Покрај организаторот Science|Business и домаќинот УКИМ, партнери на конференцијата беа EIT Community на Европскиот институт за иновации и технологии, Платформата на земјите од Западен Балкан за истражувања, технологии и иновации (WBC-RTI) преку Policy Answers и ELI ERIC – Европскиот конзорциум за истражувачка инфраструктура за ласерски технологии за пан-европска интеграција на истражувачите и индустријата.

Поддржувачи на конференцијата беа Директоратот за истражувања и иновации на Европската комисија, ERA – Европскиот истражувачки простор, UNICA – Мрежата на универзитети од главни градови во Европа, COST – Асоцијацијата за наука и технологија на Европската комисија, и RCC – Регионалниот совет за соработка на Западен Балкан.

Во воведниот дел на конференцијата, покрај ректорката, говореа и Елке Дал, проектен менаџер при Центарот за социјални иновации, Едит Херцог, претседавач на групата за проширување во рамките на Science|Business мрежата, Димитрис Коуреас, директор на Центарот за биодиверзитет, Андрас Инотаи од Генералниот директорат за истражување и иновации при Европската комисија, и проф. д-р Сорин Кострие, претседател на Мрежата на универзитети на главните градови на Европа.

На панел дискусиите учествуваа претставници на УКИМ, вклучувајќи проф. д-р Валентина Гечевска, проректор за наука, и проф. д-р Анастас Мишев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, како и претставници од Европскиот институт за технологии, Советот за регионална соработка, COST асоцијацијата и повеќе регионални и европски претставници од бизнис секторот, истражувањата и иновациите.

„Постојат одлични примери за регионална соработка, од кои повеќето се видливо поддржани од Европската комисија, но сигурен сум дека има многу истражувачки заедници кои сè уште треба да се разбудат и да се приклучат кон оваа европска истражувачка и инфраструктурна област, за да ги покажат своите капацитети и способности. Ние имаме талент тука, го знаеме тоа, но треба да најдеме начин како да ги задржиме.“, истакна проф. д-р Анастас Мишев.

Синиша Марчиќ од Регионален совет за соработка додаде дека клучниот предизвик за регионот е дека додека би се инвестирале стотици милиони евра во врвна истражувачка инфраструктура, дали ќе има доволно научници за да ја опслужуваат таа инфраструктура.

„Сè уште сме исправени пред предизвиците кои ги имаме за одредена запоставеност на регионот. Затоа, напорите за инклузија претставуваат процес во две насоки. Затоа треба да дадеме одговор на многу прашања, за истражувачите, како на пример: Зошто не се искористуваат? Каде се капацитетите? Кој инвестира за тие не само да бидат подобни,туку и да имаат доволно знаење и ресурси? Што ќе се случи со нивното работно место кога ќе аплицираат за некоја програма? Што се случува кога заминуваат и дали некогаш ќе се вратат?“, додаде Ненад Челаревиќ, Helvetas.

Каталин Алфолди од COST Association потенцираше дека треба да се фокусираат што програмата може да придонесе во регионот и како тоа ќе овозможува раст и вклученост на сите страни. Воедно Сорин Кострие од UNICA повика на зголемена акција од институции и бизнис сектор.

„Не можеме да зборуваме за Европа или да очекуваме да испорачаме резултати ако пристапот на ЕУ не е сеопфатен и не ги вклучува сите европски земји, особено оние од Југоисточна Европа. Стремежот на нашата земја е да ги исполниме истите стандарди и ресурси кои важат од запад кон исток и од север кон југ низ Европа. Само тогаш можеме вистински да испорачаме.“, поентираше проф. Гечевска.

Таа наведе дека мисијата на УКИМ е да инвестира и да ги едуцира нашите студенти да станат извонредни професионалци, без разлика дали се дома или во странство, но со надеж дека ќе се вратат.

„Нашиот стремеж е тие да останат овде и да учествуваат во развојот на земјата, како дел од Европа. Затоа е толку важно проширувањето на ЕУ и започнувањето на процесот на претпристапни преговори, паралелно со решавање на политичките прашања. Така, нашите студенти не би размислувале веднаш за да одат надвор, туку ќе сфатат дека можат да дадат вредни придонеси за својата земја, а со тоа и за Европа. Некои ќе станат истражувачи, други ќе бидат иноватори или инженери кои работат во компании со deep-tech технологии, а сите ќе придонесат во општествениот развој и образованието на идните генерации,“ истакна проф. Гечевска во своите заклучни зборови на настанот.

Учесниците на конференцијата разменија мислења и идеи, што води до меѓусебно зајакнување на соработката во оваа област.

Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје 

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан