• петок, 26 јули 2024

Три американски сојузни држави ја поддржаа заштитата на правото на абортус

Три американски сојузни држави ја поддржаа заштитата на правото на абортус
Вашингтон, 9 ноември 2022 (МИА) - Три американски сојузни држави на изборите ја поддржаа заштитата на правото на абортус. Станува збор за Мичиген, Калифорнија и Вермонт. Гласачите од пет американски сојузни држави одлучуваа во текот на вчерашниот ден за прашања поврзани со абортусот, иницијативи што избија во прв план, откако Врховниот суд ја поништи пресудата во случајот Ро против Вејд со што тој беше легализиран на национално ниво. Во август, гласачите во конзервативниот Канзас го одбија предлогот за отстранување на правата за абортус од државниот устав. Сега Мичиген, Калифорнија и Вермонт ја поддржаа заштитата на правото на абортус. Иницијативата во конзервативниот Кентаки предложи државниот устав да не го штити и да не го признава правото на абортус. По пребројување на 95 отсто од гласовите, тие кои гласале „не“ се во благо водство во однос на оние кои ја поддржале мерката. Во Монтана пак, се одговараше на прашањето во врска со таканаречниот закон „родено живо“, што бара медицинска нега за деца родени живи по неуспешен абортус. Лекарите кои нема да се грижат за такви деца би биле казнети до 50.000 американски долари и може да добијат до 20 години затвор. Ограничените податоци за такви инциденти сугерираат дека се ретки и веројатно се однесува на децата со тешки заболувања поради што се верува оти не би преживеале. Други конзервативни држави воведоа слични закони изминатите години. Резултатите за овие избори сè уште не се познати. бд/ссм/

Остани поврзан