• среда, 27 ноември 2024

Трипуновски: Ќе одвоиме 20 милиони евра на годишно ниво за враќање на системите за наводнување во функционална состојба

Трипуновски: Ќе одвоиме 20 милиони евра на годишно ниво за враќање на системите за наводнување во функционална состојба

Делчево, 17 август 2024 (МИА) - Владата и Министерството за земјоделство наредната 2025  година ќе започнат со спроведување на 10-годишната програма, со која  20 милиони евра на годишно ниво ќе бидат одвоени за инвестиции и враќање на системите за наводнување во една функционална состојба. Ова при денешната посета на Делчево го најави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуноски напоменувајки дека Владата и Министерството се свесни дека водата е битен елемент во земјоделското призводство.

-Ние не можеме да се надеваме на рентабилно производство ниту по квалитет нити по квантитет, ако немаме количина на вода. Не само во делот на истокот, речиси на целата територија ќе се работи засилено на враќање на системите во функционална состојба свесни дека е клучен елемент во земјоделското производство, рече Трипуноски.

Тој се осврна и на намалувањето на сточниот фонд како одговор на новинарско прашање што е планирано за да се ублажи состојбата со намалениот број на добиток.

-Бројките се лоши навистина е катастрофална ситуацијата, тоа е резултат на оние погрешни и задоцнети мерки кои ги правеше изминатата власт. За жал нашите полици се со увозно млеко, а нашето производство на месо, живина, свинско итн, е веќе преполовено. Ние ќе дадеме веќе од идната програма 2025 година зголемена поддршка, се со цел да го враќаме сточниот фонд, бидејќи мораме да обезбедиме домашна храна за нашите сограѓани и нормално како извоз на земјоделски производи, додаде Трипуноски.

Најави и редефинирање на програмата за субвенции со крајна вел да се стимулира зголемено производство.

-Нормално оние субвенции што ќе ги даваме ќе ги исплаќаме навреме, се со цел да бидат дополнително додадена вредност во делот на сточарството. Знаете дека со доаѓањето на власт ние веќе исплаќаме субвенции кои се од претходни години, дали е тоа за предадено јагне во кланични капацитети, дали за литар млеко кое што досега требаше да го имаат земено сточарите меѓутоа ние како Влада даваме веќе сериозен прироритет во делот на исплата на субвенции, ќе градиме мерки кои што ќе бидат долгорочни, додаде Трипуноски.

Во Делчево министерот оствари средба со производителите на сливи од Делчево, Берово и Пехчево на која информираше дека Министерството е во процес на креирање на дополнителни мерки кои ќе значат помош за производителите на сливи, со цел да се спаси оваа сезона, но и да се задржи активна оваа категорија на земјоделци. вс/дма/

 

Фото: МИА

Остани поврзан