Протекционистичката трговска политика на Трамп предизвика незадоволство кај јавноста, а повеќето Германци поддржуваат евентуални контрамерки, според анкетите
- Слично како и во другите европски земји, во Германија, протекционистичката трговска политика на американскиот претседател Доналд Трамп предизвика незадоволство кај јавноста, а повеќето Германци поддржуваат евентуални контрамерки од нивната земја и од Европската унија, па дури се подготвени и да ги бојкотираат американските производи, покажуваат анкетите.

Берлин, 28 март 2025 (МИА) - Слично како и во другите европски земји, во Германија, протекционистичката трговска политика на американскиот претседател Доналд Трамп предизвика незадоволство кај јавноста, а повеќето Германци поддржуваат евентуални контрамерки од нивната земја и од Европската унија, па дури се подготвени и да ги бојкотираат американските производи, покажуваат анкетите.
Во анкетата на агенцијата „Југав“, 68 отсто од граѓаните, без оглед на нивната политичка определба, рекле дека „секако“ или „во поголема мерка“ го поддржуваат воведувањето контра царини за стоките од американските производители.
Најмалку поддршка за таквите царини во ЕУ покажаа приврзаниците на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AфД), меѓу кои мерката ужива поддршка од 50 отсто од гласачите.
Царините најмногу ги поддржуваат гласачите на зелените (84 отсто), потоа Христијанско-демократската унија (ЦДУ) (82 отсто), Социјалдемократската унија (СПД) (81 отсто) и Левичарската партија (72 отсто).
Во истражувањето, кое од 21 до 23 март опфати 2.000 луѓе, 53 отсто од учесниците оцениле дека ЕУ е фер трговски партнер во односите со САД, а 34 отсто не знаат како да одговорат на тоа прашање.
Во исто време, 31 отсто изразиле загриженост дека американските казнени тарифи ќе имаат силно влијание врз германската економија, а 44 отсто веруваат дека тие ќе имаат некакво влијание. Во исто време, Германците сметаат дека ЕУ помалку ќе ги почувствува американските царини, 25 отсто сметаат дека влијанието ќе биде силно, а 49 отсто дека ќе биде ограничено.
Во истражувањето, 53 отсто од анкетираните изјавиле дека дефинитивно ќе се обидат да избегнат купување стоки од САД. Иако како главна причина ја наведоа политиката, многумина исто така рекоа дека не се подготвени во иднина да плаќаат повеќе за американските производи. Сепак, една третина од учесниците во анкетата (34 проценти) признале дека во пракса имаат проблем да ги разликуваат американските од другите производи.
Во истражувањето спроведено на почетокот на овој месец за дневниот весник „Ханделсблат“ од агенцијата за истражување на пазарот „Сивеј“ (Seaway), дури 64 отсто од граѓаните изјавиле дека „секако“ или ќе „претпочитаат“ да избегнуваат стоки од американски производители.
Во истражувањето, во кое биле опфатени 5.000 возрасни лица, 24 отсто рекле дека „апсолутно“ би ги избегнале американските производи. рп/
Фото: МИА архива