• сабота, 23 ноември 2024

Тошковски: Опозицијата да работи во интерес на граѓаните, да критикува аргументирано

Тошковски: Опозицијата да работи во интерес на граѓаните, да критикува аргументирано

Охрид, 30 август 2024 (МИА) – Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска од Охрид ја повика опозицијата, како што рече, „да ја работи работата за која што зема плата во рамки на Собранието особено пратениците таму, да е во насока на она кое што го подразбира едно нормално општество, а тоа е да имаме опозиција која што ќе биде коректор на власта, да имаме една опозиција која што аргументирано ќе критикува, која што со аргументи ќе се обиде да му помогне на македонскиот народ“.

Тошковски кој беше во работна посета на СВР-Охрид, одговарајќи на прашања на новинарите, посочи дека таква опозиција ќе биде додадена вредност на Македонија.

- За жал, за оваа опозиција не можам да го кажам истото. Македонскиот народ е тој кој што суди, македонскиот народ е тој кој што ја даде довербата пред два месеци и сигурен сум дека ќе ја повтори довербата за четири години од сег“, рече тој одговарајќи на критиките од опозицијата упатени кон него и неговиот ангажман како прв човек во МВР.

Тој истовремено посочи дека повиците за поднесување оставка на функцијата се на поединци од опозицијата, како што рече, „три-четворица кои и самите самите не си веруваат“. 

- Еве, прашајте ги и сите повисоки функционери во рамки на опозицијата мислам дека и самите не веруваат дека ова што го прават е сериозно. Но, тие решиле јас да бидам тема заради која што ќе бидат присутни во медиумите, тие ќе си зборуваат, ние ќе си работиме, рече Тошковски

По однос изјавите на премиерот и на министерот за трнаспорт и врски за наводен обид за поткуп по однос тендерот за изградбата на пругата кон Република Бугарија и дали до полицијата било пријавено незаконито дејствие, тој истакна дека МВР постапува по многу голем број на поврзани со корупција и криминал, особено финансиски криминал.

- Особено финансиски криминал со кој бил краден македонскиот народ, односно на штета на буџетот на Република Македонија. Ќе најавам, еве, во иднина мора да ги зајакнеме човечките ресурси во рамки на Министерството и тоа особено во делот на работењето на организиран криминал и борба против корупција заради тоа што очигледно е ова кое што се случувало во изминативе шест, седум па и повеќе години било катаклизмично. Така што работиме, постапуваме, јавноста ќе биде известена во оној момент кога ќе имаме конкретни информации кои ќе можеме да ги споделиме, рече Тошковски.

Тој денеска беше во работна посета на СВР – Охрид, каде оствари средби со службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ , а се сретна и со припадниците од МВР на Република Србија кои беа дел од мешаните полициски патроли што изминатите денови спроведуваа заеднички патроли на подрачјето на Охрид. аб/са/

фото/МИА

Остани поврзан