• недела, 08 септември 2024

Тошковски: Најголема обврска останува градењето на систем каде владее правото и правдата

Тошковски: Најголема обврска останува градењето на систем каде владее правото и правдата

Скопје, 8 септември 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, упати честитка до граѓаните по повод 8 Септември - Денот на независноста, во која наведува најголема обврска останува да биде градењето на систем каде владее правото и правдата. 

- Пред 33 години, на референдумот во 1991 година, огромно мнозинство од граѓаните гласаа за независна, слободна и демократска Република Македонија. Патот кој го започнавме сите заедно беше долг и тежок, полн со предизвици. Зад себе имаме три децении независност исполнети со искушенија, падови, но и моменти на гордост, наведува Тошковски.

Дополнува дека и понатаму наша најголема обврска останува да биде градењето на систем каде владее правото и правдата. 

- Борбата против криминалот и корупцијата е наша заедничка цел и наш приоритет. Само со неселективна правда и закони кои важат еднакво за сите, можеме да создадеме општество во кое секој граѓанин ќе се чувствува безбедно и заштитено. За таа цел, цврсто сме посветени на градење систем од силни институции, модерна и професионална полиција, која ќе биде гарант за безбедноста и стабилноста на нашата држава, дополнува тој.

Според него, интеграциите во Европската Унија се поттик да продолжиме да се бориме за она што ни следува.

- Денес, како Влада фокусирани сме на привлекување нови инвестиции, воведување на нови технологии, отворање нови работни места, сè со цел создадавање на поквалитетен живот за секого. Но најважно, заедно ја градиме државата во која владеат правото и правдата, каде јасно ставаме до знаење дека криминалот не се исплати и каде секој граѓанин има еднакви можности, стои во честитката на министерот Тошковски.

Додава дека нашата независност е наш најголем успех, но и најголема обврска. 

- Со храбри одлуки, заеднички труд и институции со интегритет ослободени од секакви влијанија, можеме да изградиме иднина каква што заслужуваме – иднина во која Македонија ќе биде модерна европска држава, гордо застаната рамо до рамо со европските држави, додава тој. ар/нд/

Фото: МВР

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан