• вторник, 24 декември 2024

Тинејџер од САД станал бездомник откако бил исфрлен од дома токму на 18. роденден

Тинејџер од САД станал бездомник откако бил исфрлен од дома токму на 18. роденден

Лос Анџелес, 5 јули 2023 (МИА) - Неименуван Американец-тинејџер е новиот миленик на интернет, откако раскажа како од неодамна живее на улица. Имено, тој бил исфрлен од страна на неговата мајка, на својот 18-ти роденден.

Видеоснимката со момчето кое ја споделува својата приказна на Тикток-страницата @homesforhomeless, ги погоди гледачите и тие општо ја осудуваат мајка му и сите други престроги родители кои настојуваат нивното дете да го напушти својот дом откако ќе наполни 18 години. Според неговите кажувања, татко му е починат.

- Мајка ми, во основа, ми рече - кога ќе наполниш 18 години, ќе бидеш сам... Така, откако ме избрка, сега сум во Солт Лејк Сити и постојано барам место за да преноќам, пред да најдам начин да се вратам во Калифорнија, раскажува тинејџерот.

Прашан колку долго е на улица, тинејџерот појаснува дека всушност ова е неговиот прв ден како бездомник, што воедно е и неговиот 18-ти роденден. Тој додава и дека мора да се врати во Калифорнија бидејќи ќе треба да ја заврши последната година од средното училиште. Снимателот го прашува и кои се неговите три желби?

- Татко ми да е сè уште жив, да ги видам моите сестри и да се вратам дома, кусо одговори момчето.

Со оглед на растот на цените на становите и наемот, инфлацијата и влошената достапност до работни места, 18-годишниците во САД речиси и да немаат можности финансиски да се издржуваат без никаква помош од нивните семејства, истакнуваат познавачите. Исто така, факт е дека на новопечените возрасни лица сè уште им е потребна емоционална и психолошка поддршка од нивните родители. Преминот во зрелоста може да биде предизвик сам по себе, па стабилната и поддржувачка семејна средина е неопходна во секој поглед.

Отфрлањето од безбедно засолниште, очекувано, води и до чувство на напуштеност кај младиот човек и негативно влијае на односот родител-дете. си/паг/

Фото: Тикток

Остани поврзан