• сабота, 23 ноември 2024

Судскиот совет ја делегира и избра за в.д. претседател на ОС Берово Анита Јорданова, иако претходно ја избра за апелационен судија

Судскиот совет ја делегира и избра за в.д. претседател на ОС Берово Анита Јорданова, иако претходно ја избра за апелационен судија

Скопје, 6 ноември 2024 (МИА) - Судскиот совет на денешната 504-та седница донесе одлука судијката Анита Јорданова од Основниот суд Штип времено на период од шест месеци да се упати во Основниот суд Берово. Судијката Јорданова, со одлука на Судскиот совет, е определена за в.д. претседател на ОС Берово. 

Претходно Јорданова го искористила своето право на жалба на одлуката за делегирање. Општа седница на Врховниот суд на РСМ ја прифатил и укинал одлуката на Судскиот совет. По разгледување на одлуката на Врховниот суд, Судскиот совет донесе одлука за нејзино делегирање, иако претходно, на истата седница беше избрана за судија во Апелациониот суд Штип. 

Координаторот за ОС Берово, Селим Адеми рече дека Судскиот совет не е виновен за недостигот на судии, но треба да се грижи за судот да функционира непречено и затоа предлагам судијката Јорданова да биде делегирана за период од шест месеци додека се најде друго соодветно решение.  

-  Стапив во контакт со судијата и замолив лично, зошто знаевме дека е кандидат и сега е избрана за апелационен судија. И реков да излезе во пресрет на Судот, на Судскиот совет, без разлика што има приговор, зошто ќе се смени и ќе се најде начин. Судијата тоа не го прифати и тоа е негово право, но, сите знаете дека сите примаат плата, само вработените во ОС Берово не примаат плата затоа што нема кој да потпише. Јас мислам и предлагам за да не губиме време и да делегираме нов судија, предлагам истиот судија да се делегира, затоа што таа од утре ќе биде в.д. претседател на судот и ќе може да потпише плата, додека ние во овој период да најдеме друг кандидат, па тој кандидат најверојатно ќе има приговор, па додека да одлучи Врховниот суд ќе помине еден месец, изјави Адеми. 

Судскиот совет на денешната седница ја разгледа одлуката на Општа седница на Врховниот суд на РСМ, со која се укинува одлуката на Судскиот совет за времено упатување на судијката Јорданова за вршење на судиска функција во друг суд. 

Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, рече дека приговорот на судијката Анита Јорданова бил разгледан на Општа седница на Врховниот суд и донесена е одлука, која писмено е доставена до Судскиот совет. 

- Врховниот суд многу добро ја разбира состојбата со недостаток на судии во пониските судови. Врховниот суд за тоа воопшто не е виновен. Општата седница го има тоа в предвид кога одлучува, но ние исклучиво се раководиме од донесеното решение на Судскиот совет и наводите во приговорот. Не можеме да утврдуваме факти. Врховниот суд како највисок суд не утврдува факти и околности. Врховниот суд укинува и му укажува на понискиот суд или во случајот на органот да ги провери фактите и околностите, изјави Адеми. 

Адеми, појасни дека Општата седница на Врховниот суд одлучува по поднесен приговор од судија кој е времено упатен од страна на Судскиот совет, што е законско право на судиите. 

-  Како Општа седница сметавме дека Судскиот совет треба да утврдува некои околности по однос на судијата кој што е времено упатен, тоа е медицинската документација на нејзиното малолетно дете, превозот од Штип до Берово, фактот дека судијата нема возачка дозвола, но вие тоа треба да го наведете во вашата одлука. Тоа е ставот на Општата седница на Врховниот суд, изјави Адеми. 

Судскиот совет, на денешната седница, донесе одлуки за престанок на судија поротник на Основен кривичен суд Скопје и за избор на судии поротници на Основен суд Куманово.

На дневен ред на денешната седница на Судскиот совет, е и одлучување по известувања на Комисија за утврдена фактичка состојба по поднесени барања за утврдување одговорност на судија/претседател на суд и расправа по извештаи за констатирана состојба  по поднесени барања  за утврдување одговорност на судија/претседател на суд. аа/дма/

Фото: МИА архива 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан