• сабота, 23 ноември 2024

Во Скопје се одржува третата конференција за здравство, организирана од Комитетот на здравство во рамки на Американската стопанска комора

Во Скопје се одржува третата конференција за здравство, организирана од Комитетот на здравство во рамки на Американската стопанска комора

Скопје, 7 ноември 2024 (МИА) - Во Скопје се одржува третата конференција за здравство, организирана од Комитетот на здравство во рамки на Американската стопанска комора во Северна Македонија. Тема на конференцијата е „Поттикнување на општествената вредност преку здравствена заштита“, со цел  да се истражат значајните опшествени влијанија од инвестициите во здравството.

Говорниците се осврнаа на потребната дигитализација во нашето здравство, поголемата контрола врз производите со тутун, важноста на приватниот сектор, вложувањето во превенцијата на болести и новите лекови на Позитивната листа.

Рита Колумбиа, постојан координатор на Обединетите Нации во Северна Македонија рече дека верува дека универзалниот пристап до здравствена заштита е витален.

- Ако немаме здравје, немаме ништо. Ако погледнеме на дефиницијата на здравје, што е дадена од Светската здравствена организација, е комплетна физичка, ментална, социјална добробит. Не само отсуство на болест. Ппреферирам да гледам на здравјето повеќе на сеопфатен начин, повеќе од гледна точка на превенција на болести, отколку да се справуваме со тоа што го имаме. Бидејќи да се справуваш со болести е многу поскапо, отколку да ги спречиш, нагласи Колумбиа.

Според неа, кратењето на буџетот за ХИВ програмите можеби е добро решение на краток рок, но не е паметно на долг рок.

- ХИВ не е проблем што си замина, исчезна - сѐ уште е тука. Во земјите од регионот, во светот. Не да се направи ова прашање епидемиско, ние треба да го спречиме. Ние треба да работиме на превенција. Скратување буџет за токму ова прашање, можеби е добро решение на краток рок, но, не многу стратегиски паметно на долг рок. Сѐ е до нашите избори. Какви избори ќе направиме. Во ред, имаме лимитиран буџет. Но, да се потрудиме да избереме тоа што долгорочно нема да ни донесе повеќе проблеми и всушност повеќе трошење. Превенцијата чини многу помалку, отколку третманот, истакна Колумбиа.

Како што посочи, дигитализацијата му е потребна на здравствениот сектор во државав, не само во однос на податоци, туку и за услуги.

Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување, приватниот сектор треба да е клучен партнер во обезбедувањето здравствени услуги во државата и додаде дека заедно со Министерството за здравство работат на зајакнување на јавното здравство.

- Најважно е граѓаните да добиваат здравствена заштита. Дали ќе биде јавна или приватна здравствена заштита е сеедно. Мојата цел е да го намалиме драстично лекувањето во странство со отворање кон приватните болници и со носење странски експерти во Македонија за да се градат капацитетите на нашето здравство. Деновиве еден македонски кардиолог се враќа од Словенија, ќе почне да работи во македонска приватна болница. Зошто да го не поздравиме тоа, ако можеме да обезбедиме во земјава дополнителни услуги?, рече Клековски.

Тој се осврна и на Позитивната листа, за што кажа дека после подолг период, таа е ажурирана. Го отвори и прашањето дали треба да се отвори место за поскапи лекови бидејќи тие се финансиски товар за граѓаните.

Валентина Митрова, претседател на Комитетот за здравство на АмЧам, се осврна на заклучоците од втората конференција за здравство на АмЧам, одржана лани, со наслов „Поглед во иднината на нашиот здравствен систем“.

- Главната порака и принцип што излегоа од оваа конференција, беа дека државата мора да гледа на здравството како приоритет преку обезбедување еднаков пристап до квалитетни, современи здравсвтени услуги на сите граѓани. За да се изгради одржлив здравствен систем, здравството мора да се гледа како инвестиција, а не како трошок. Овој принцип треба да биде водечки при носењето одлуки, потсети Митрова.

Таа кажа дека лани била потенцирана важноста од ажурирање на Позитивната листа, согласно направените законски измени да се искористи можноста за склучување посебни договори со што ќе се оптимизира буџетот и ќе се создадат заштеди во планираниот државен буџет за лекови што не се на Позитивната листа на лекови на товар на ФЗО, за лекови од програмите на МЗ, како и за лековите опфатени со условните буџети. Потоа, важноста од дигитализација на здравството и потребата од национална стратегија за дигитално здравје. Сите претставници на политички партии и носители на клучни одлуки се сложиле дека треба да вложат напори и да бидат посветени на подобрување на здравствениот систем со воспоставување заедничка меѓупартиска платформа што ќе овозможи полесни дијалози и решенија за најважните прашања во здравството. На ланската конференција била истакната и потребата од формирање национален совет за здравство.

Митрова најави и Академија за новинари и серија сертифицирани обуки што Комитетот за здравство на АмЧам ги подготвува на најразлични теми од областа на здравството. Сесиите ќе започнат од декември годинава. бд/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан