• четврток, 23 јануари 2025

Стипендии во рамки на Словачката билатерална програма за соработка за академската 2025/2026 година

Стипендии во рамки на Словачката билатерална програма за соработка за академската 2025/2026 година

Скопје, 23 декември 2024 (МИА) - Амбасадата на Словачка во Скопје известува за повик за апликации за стипендии во рамки на Словачката билатерална програма за соработка (Slovak Bilateral Scholarship Programme), за академската 2025/2026 година.

Како што објави Министерството за образование и наука, македонската и словачката страна ќе разменуваат студенти во рамки на акредитирани студиски програми од прв, втор и трет циклус на високо образование, во вкупно времетраење од триесет месеци годишно.

-Вкупната квота може да биде поделена на покуси периоди во времетраење од три до десет месеци по кандидат. Стипендијата не може да се додели за комплетен курс на студии што доведува до степен на високо образование. Познавањето на јазикот на земјата домаќин или друг јазик, прифатлив за избраната институција, ќе биде услов за оваа размена. Словачката страна ќе обезбеди: бесплатно студирање; стипендија согласно законските прописи во земјата домаќин и сместување во студентски домови под исти услови како за своите граѓани. Патните трошоци за повратен билет (со автобус) до и од местото на студирање ќе ги покрие Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија, наведува МОН. 

Апликациите испратени од индивидуални апликанти директно до Министерството за образование, наука, истражување и спорт на Република Словачка нема да бидат земени предвид. Доколку не е наведено поинаку, престојот ќе се реализира не порано од 15 септември 2025 година и не подоцна од 30 август 2026 година. Министерството го задржува правото да го смени бараниот рок на стипендија и/или да прими кој било апликант на курс и/или високообразовна институција различна од наведената во неговата/нејзината апликација за стипендија, доколку приемот којшто е побаран од страна на апликантот не е изводлив, се посочува во повикот. 

Во објавата на веб-страницата на МОН се наведени износите на стипендиите, појаснета е постапката на аплицирање и изборот на кандидатите и се содржани повеќе информации за потребните докуемнти и критериумите. 

Апликацијата и потребните документи во два примерока треба да бидат доставени до Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија најдоцна до 20 март 2025. Конечната одлука на Министерството за образование, наука, истражување и спорт на Република Словачка ќе биде доставена до нашето Министерство до 28 јуни 2025.

Детални информации и услови за стипендиите се објавени на веб-страницата: https://www.minedu.sk/scholarships-offered-within-the-framework-of-bilateral-programs-of-cooperation-for-20252026/

За прашања во врска со билатералните стипендии, може да се контактира Mgr. Martina Klofácová (martina.klofacova@minedu.sk), директор на Одделот за билатерална и мултилатерална соработка на Министерството за образование, наука, истражување и спорт на Република Словачка. хс/дма/

Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан