• понеделник, 16 декември 2024

Средношколците од Прилеп со театарска претстава и радио драма против малолетничките бракови

Средношколците од Прилеп со театарска претстава и радио драма против малолетничките бракови

Прилеп, 15 октомври 2024 (МИА) - По повод 18 октомври, Европскиот ден на борбата против трговија со луѓе, прилепските средношколци од средното училиште „Ѓорче Петров“, в петок  во Центарот за култура „Марко Цепенков“, премиерно ќе ја изведат претставата „Маѓепсан круг“ како порака за спречувањето на трговијата со луѓе. Воедно е подготвена и радио драма. Проектот е во соработка на училиштето со локалното радио „Радио Пела“ од Прилеп и со Канцеларијата на Советот на Европа од Скопје.

-Театарската претстава и создадената радио драма во реализација на Радио Пела, (https://soundcloud.com/user-916541924/maepsan-krug-radio-drama) која веќе се емитува на програмата на шест локални медиуми и еден национален,  е дел од иницијативата за подигање на свеста „Промени го мислењето - останете надвор од маѓепсаниот круг“ поддржана од ЕУ и Советот на Европа, со цел да се овозможи попристапен начин за заедницата да препознае, открие и да алармира за појавата на присилни детски бракови, рече на денешната прес конференција Гордана Цветаноска, уредник во „Радио Пела“.

Радио драмата и театарската претстава „Маѓепсан круг“  вклучуваат четири приказни за борба против невидливите синџири што ги држат жртвите на присилни бракови и трговија со луѓе. Од вистински стории, чии идентитеи се скрени, авторот на драмскиот текст и сценарист, Филип Стојаноски, преку своите истражувања се обидува да го доближи злосторство кое се случува во секој регион во светот, за жртвите кои може да бидат мажи, жени и деца без разлика на потеклото, со цел заедницата да го препознае, пријави и спречи. Режисер и автор на сценографијата е Билјана Тинтоска, професор во средното училиште „Ѓорче Петров“ од Прилеп.

-Според Светската здравствена организација секојдневно, околу 39.000 млади девојки ширум светот се мажат пред да наполнат полнолетство. Повеќе од една третина од нив се помлади од 15 години. Трговијата со луѓе за присилни бракови сè уште е присутна и во Република Северна Македонија, рече Елизабета Филипоска од „Радио Пела“.

Претставата е на аматерскиот младински театар „Слободно театарче“ од СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп. Во претставата играат учениците: Исидора Попоска, Милана Здравеска, Марија Котева, Исидора Николоска, Марко Костадиноски, Марија Јовеска, Вања Младеновски, Матеа Стојчевска, Марија Стеваноска, Даниел Главчев, Михаил Тркалески, Тамара Димитриеска, Михаил Јорданоски. ем/дма/

 

Фото: МИА

 

Остани поврзан