• четврток, 26 декември 2024

Средба Божиновска - Балуку: Интерконекторот меѓу двете земји, приоритет за поврзување на регионалната енергетска мрежа

Средба Божиновска - Балуку: Интерконекторот меѓу двете земји, приоритет за поврзување на регионалната енергетска мрежа

13 ноември 2024

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска, оствари продуктивна средба со вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергија на Република Албанија, г-ѓа Белинда Балуку. Разговорите беа насочени кон продлабочување на билатералната соработка во енергетскиот сектор, со особен фокус на напредокот на проектот за интерконекторот меѓу Македонија и Албанија кој ќе овозможи енергетската поврзаност меѓу двете земји. 

Проектот за интерконекторот, кој е поддржан од Европската унија и други меѓународни институции, има за цел да обезбеди енергетска стабилност и зголемена флексибилност во снабдувањето со природен гас за целиот регион. Планот предвидува интерконекторот да биде дел од пошироката регионална енергетска мрежа, која ќе го поврзе нашиот регион, овозможувајќи поголема енергетска независност и конкурентност. 

Двете страни го истакнаа значењето на овој интерконектор како клучна инфраструктура за енергетска поврзаност во регионот, која е предвидена да ги поврзе македонскиот, албанскиот и грчкиот енергетски систем. Овој проект ќе овозможи засилено снабдување и диверзификација на енергетските ресурси, зголемување на енергетската стабилност и ефикасност, како и намалување на зависноста од увоз на енергенси.

Министерката Божиновска истакна дека за Македонија ова поврзување е од огромно значење. „Со реализацијата на овој интерконектор, Македонија ќе добие директен пристап до гасоводните мрежи во Албанија и Грција, што ќе ни овозможи сигурност и разновидност во снабдувањето со енергија. Ова е витално не само за енергетскиот сектор, туку и за целокупната економија на земјата,“ потенцираше министерката Божиновска.

Во рамки на разговорите, беше отворена и темата за поврзување на енергетските пазари, што претставува дел од пошироката визија за регионална соработка. Поврзувањето на пазарите има за цел да ја олесни трговијата со енергија, оптимизирајќи го користењето на ресурсите и овозможувајќи поголема транспарентност и конкурентност во енергетскиот сектор. Преку создавање на поголем заеднички пазар, ќе се овозможи поголема флексибилност, која е клучна за адаптација кон обновливите извори и намалување на фосилните горива​.

Од страна на г-ѓа Балуку, беше нагласена заложбата на Албанија за поддршка на регионалните иницијативи кои го олеснуваат енергетскиот транзит и ја засилуваат соработката на Балканот. Во рамките на средбата, двете министерки се договорија за следни чекори и планираат дополнителна билатерална средба со цел забрзување на реализација на проектите што се од интерес на двете земји и регионот.  

Со оваа средба, двете земји покажуваат подготвеност за заеднички напредок кон интегриран и енергетски независен регион, како значаен чекор во насока на исполнување на европските цели за одржлива енергија и климатски неутрален континент.

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан