• петок, 27 декември 2024

За уставни измени е потребна политичка волја, смета Гаши

За уставни измени е потребна политичка волја, смета Гаши

Скопје, 26 декември 2024 (МИА) - Ние како парламентарно мнозинство мислиме дека треба да има политичка волја и политички договор за тоа кога ќе почне процедурата за уставните измени да биде спроведена, изјави на денешниот брифинг со новинарите претседателот на Собранието Африм Гаши.

-Процедурата за уставни измени е пропишана во Уставот и во Деловникот. Секој кој ги исполнува условите може да покрене иницијатива. Но, ние како парламентарно мнозинство мислиме дека треба да има политичка волја и политички договор за тоа кога ќе почне процедурата да биде спроведена. Знаете дека уставни измени се случуваат кога за тоа гласаат две третини од нашето Собрание и ние кога ќе сме сигурни дека тоа ќе биде прифатено од мнозинството на пратеници во нашето Собрание, тогаш ќе ја почнеме процедурата. Во друг случај, не можеме никому да забраниме, но мислиме дека не е добро да се експериментира со такви постапки, рече Гаши.

Прашан дали пропаѓа преизборното ветување на Вреди за уставни измени до Нова година, Гаши одговори дека не се сеќава оти во програмата на Вреди било напишано такво нешто.

-Не се сеќавам дека тоа беше напишано во програмата итн. Секако дека имаше такви изјави. Знаете дека тоа е комплексно прашање и не зависи од еден политички сегмент, треба да гласаат две третини од Собранието. Како што знаете, Коалицијата Вреди и сите нејзини пратеници стојат зад тоа и ако би дошле на дневен ред, ние би ги гласале и денеска. Но, мислиме дека треба заеднички да се договориме кога е тоа најдобро за државата и за сите граѓани. Правиме максимални напори како парламентарно мнозинство да ги донесеме уставните измени кога ќе биде најдобро за нашата држава, кога има политички договор околу тоа и кога ќе бидеме убедени дека имаме предвидливост во процесот. Тоа значи, дека нема да имаме повторно вето за три месеци, за шест месеци итн, рече тој.

Гаши потенцира дека се обидува колку што може да се апстрахира од политичките агенди на политичките партии, одговарајќи на прашање колку се доведува во прашање учеството на Вреди во Владата откако претходно претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари кажа дека коалициските партнери од Коалицијата треба да седнат и да разговараат околку ова прашање.

-Неколку пати сум напоменал, ќе повторам, се обидувам да се апстрахирам колку што можам од политичките агенди на политичките партии, вклучително и од мојата Коалиција од каде што доаѓам и припаѓам. Така што, не би коментирал такви политички изјави. Се обидувам да ја извршувам мојата функција совесно, законски и уставно. Значи, во тоа својство кога и да има иницијатива, јас ќе ја почнам и ќе ја ставам на дневен ред. Очекувам да биде успешна кога ќе има политички договор и услови за тоа да се изврши. фф/ев/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан