Сојуз на средношколци: Европа од нас очекува средношколската демократија и ученичкото организирање да ги внесеме во законската рамка
- Бидејќи се уште Собранието ги нема донесено измените на Законот за средното образование за воведување на средношколска демократија, што ги предложил Сојузот на средношколци, тие како членка-кандидат се обратиле до Организирачкото биро на европските средношколски сојузи (OBESSU), т.е. до европската организација на средношколци, од каде добиле писмо за поддршка, кое денеска го споделиле со Претседателот на Републиката, Претседателот на Собранието, Претседателот на Владата и Шефот на Делегацијата на ЕУ во земјата.
Скопје, 19 мај 2023 (МИА) - Бидејќи се уште Собранието ги нема донесено измените на Законот за средното образование за воведување на средношколска демократија, што ги предложил Сојузот на средношколци, тие како членка-кандидат се обратиле до Организирачкото биро на европските средношколски сојузи (OBESSU), т.е. до европската организација на средношколци, од каде добиле писмо за поддршка, кое денеска го споделиле со претседателот на државата, претседателот на Собранието, премиерот, како и шефот на Делегацијата на ЕУ во земјата.
-Во писмото тие упатуваат порака кон целата држава: „Очите на сите ученици во Европа се вртат да видат како вашиот предлог ќе биде прифатен од вашите законодавци. За да ја постигнеме функционалната, демократска Европа кон која се стремиме, мораме да го дадеме нашиот дел за да донесеме позитивни промени. Тоа може да го донесе само силното граѓанско општество, коешто не може да постои без средношколското и студентското самоуправување“, пишуваат од Сојузот на средношколци издвојувајќи делови од писмото..
Сојузот на средношколци, велат оттаму, изминатите две години работи на внесување на средношколската демократија како концепт во македонското законодавство. Иако Законот за средното образование е донесен во 1995 година и е многупати менуван, до овој момент ученичкото организирање и учество никаде не биле спомнати.
-Членот 15 од Конвенцијата за правата на детето, која е составен дел од македонскиот правен систем, го гарантира правото на здружување и мирно собирање гласи: „Државите членки го признаваат правото на детето на слобода на здружување и слобода на мирно собирање“. Сојузот на средношколси напиша предлог законски измени на Законот за средното образование кои го регулираат и демократизираат ученичкото учество за првапт во историјата на државата, нагласуваат од Сојузот на средношколци.
Законскиот текст го комплетирале кон крајот на септември минатата година, а на 20 октомври 2022 година во соработка со Клубот на млади пратеници, Вестминстерската фондација за демократија и ИДУЕП организирале јавна расправа во Собранието. По неа, се формирала работна група составена од пратеници која требало да го разгледа текстот, но, како што велат од Сојузот, Предлогот на закон се уште не е ни внесен во собраниска постапка.
-Не можеме да нагласиме колку е важна целосната интеграција на средношколскиот глас во образовните процеси за добро функционирање на граѓанското општество во целина. Низ историјата, националните средношколските иницијативи ширум Европа ја поминаа истата борба за правно признавање на ученичкото организирање, како и вашата која ја водите сега, се вели во соопштението од Сојузот вокое се цитира и дел од писмото од Одборот на OBESSU.
Од Сојузот на средношколци нагласуваат дека ученичкото учество и средношколската демократија се важни за да се произведе една свесна, информирана индивидуа која би се вклучила во демократскиот живот, водејќи се од чувството на должност и општествена одговорност. Можностите за средношколецот да одбере кој ќе го претставува на сите нивоа се подобри од кога било. сст/лв/