• сабота, 23 ноември 2024

Сообраќајот и согорувањето на огревното дрво најголеми загадувачи на воздухот во Струга

Сообраќајот и согорувањето на огревното дрво најголеми загадувачи на воздухот во Струга

Струга, 19 септември 2024 (МИА) - Сообраќајот во летниот и согорувањето на огревното дрво во зимскиот период се најголеми загадувачи на воздухот во Струга. Тоа го покажаа анализите од лабораторијата при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип по земени примероци од мерната станица лоцирана во дворот на средното училиште „Нико Нестор“ во Струга и анализа на пм 2,5 честичките, а беа презентирани на денешната форумска сесија во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“.

Афродита Зенделска професор на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип забележува дека воздухот во општина Струга не е загаден како во останатите градови и општини во државата.

- Може да се каже дека Општина Струга има најчист воздух од сите испитувани локации. Најголемо учество на загадувањето е сообраќајот во летниот период. Најизразено е во јули, август и почетокот на септември кога фрекфенцијата на сообраќај е најголема, како и согорувањето на биомасата од огревното дрво во зима. Има ситни извори на загадување, кои сами по себе се мали, но кога се во комбинација заедно даваат високи вредности, изјави Зенделска.

Никола Кукунше, граѓански активист и претсавник на невладиниот сектор вели дека мерната станица во Струга најголема загаденост покажала на 31 декенври, односно на дочекот на Новата година, кога биле регистрирани над 250 микрограми по метар кубен пм 2,5 честички. 

- Тоа е многу над дозволеното. Границите се до 50. Тендецијата е да се работи на подигање на свеста кај граѓаните дека згадувањето го имаме и тука. Проблемот е повеќе од економска и финансиска природа, бидејќи не секој е во можност да направи промена на начин на греење во домаќинствата. И Општината и Владата ќе треба да се позанимаваат со ова прашање од аспект на субвенција, нешто што би помогнало луѓето полесно и побезболно да ја направат таа трансформација на грење на своите домови, смета Кукунеш. 

Раководителот на проектната единица при Општина Струга, Владислав Жупан нагласи дека ќе го почитуваат мислењето на граѓаните за изнаоѓање соодветни мерки со кои ќе се намали загадувањето и во летниот и во зимскиот период.

- Битно е да идентификуваме соодветни активности со помош на претставници од Факултетот и Центарот за климатски промени, кои би биле соодветни за општина Струга. Не станува збор само за градот Струга, тука се приградските населби и големите рурални населби, кои го имаат овој проблем, а за кој во иднина градските власти ќе мора да се позанимаваат, истакна Жупан.

Во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, имплементиран преку УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица, Општина Струга има на располагање 10 милиони денари. сс/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан