• среда, 16 октомври 2024

Современата македонска книжевност се претставува на Саемот на книгата во Франкфурт 2024

Современата македонска книжевност се претставува на Саемот на книгата во Франкфурт 2024

Скопје, 16 октомври 2024 (МИА) - Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) годинава по четврти пат ја претставува современата македонска книжевност на 75. издание на Саемот на книгата во Франкфурт, што се одржува од 16 до 20 октомври.

Претставувањето на современата македонска книжевност на најголемиот светски саем во областа на издаваштвото оваа година е под мотото „Одеци на минатото, гласови на иднината“, соопшти МАИ.

Земјава оваа година има промотивен штанд од 32 квадратни метри, кој е сместен во четвртата хала за меѓународни учесници. Современата македонска книжевност ќе ја промовира делегација на МАИ, составена од седуммина членови.

За саемското претставување, Македонската асоцијација на издавачи изминатиот период од неколку месеци работеше на обемен проект – превод од македонски на англиски (целосно или делумно) на 11 репрезентативни дела од современата македонска книжевност. Некои од преводите ги изработија самите автори кои се англисти, а останатите врвни преведувачи од македонски на англиски.

- Целта на овој значаен проект е современите дела од нашите автори да може да ги понудиме на широкораспространетиот англиски јазик, со цел што повеќе издавачи од светот да можат да ја прочитаат нивната содржина. На тој начин, овие преводи и асоцијацијата, и издавачите и авторите ќе ги имаат како трајна придобивка – ќе можат да се користат и за посредни преводи од јазици низ светот за кои нема преведувачи од македонски, вели Бојан Саздов, претседател на МАИ.

За целите на саемот, МАИ подготви и саемски каталог во кој се претставени 50 автори, претставници на современата македонски книжевност. На штандот ќе бидат претставени и бројните преводи на овие македонски автори на големите светски јазици, како англиски, француски, германски, шпански, италијански...

И оваа година, издавачите овој најголем и најпрестижен книжевен саем ќе го искористат за промоција на современата македоска книжевност и преку деловни средби „лице в лице“, каде ќе воспостават соработки со странски партнери и ќе ја промовираат земјава.

Денеска, на првиот, најпосетен и највозбудлив ден од саемот МАИ ќе организира и коктел-забава за вмрежување со досегашните и идните соработници.

Саемот на книгата во Франкфурт, кој се смета за најголема и најпосетена манифестација од овој тип, оваа година се одржува по 75-ти пат. Земја која оваа година е почесен гостин е Италија. На саемот учествуваат над 4.000 изложувачи од 95 земји во светот. На саемот ќе има над 2.600 настани, 7.000 новинари од 64 земји и претставници на 324 агенции за авторски права. Досега, пред почетокот на саемот, влезници имаат купено 105.000 посетители.са/

Фото: МАИ 

Остани поврзан