• сабота, 21 декември 2024

Собраниска делегација на Самитот за парламентарна димензија на Берлинскиот процес

Собраниска делегација на Самитот за парламентарна димензија на Берлинскиот процес

10 октомври 2024

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија, предводена од потпретседателот и претседател на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, и членовите на Комисијата: Рашела Мизрахи, Митко Трајчулески и Дијана Тоска, учествуваше на Самитот за парламентарна димензија на Берлинскиот процес, кој се одржа на  9 октомври 2024 година во Берлин, Германија. 

Настанот беше организиран од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (IDSCS) и Бундестагот, во соработка со партнери од регионот на Западен Балкан.  

Целта на овој самит беше зајакнување на парламентарниот дијалог и регионалната соработка во рамките на Берлинскиот процес, со главен акцент на клучни теми како: спроведувањето на Акцискиот план за Заедничкиот регионален пазар, Зелена агенда, зелена транзиција за Западен Балкан, проширување и реформа на ЕУ, иднината на регионалната соработка и поврзаноста во Западен Балкан и други теми.

Во рамки на отворањето на Самитот, д-р Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за европски прашања на Европската Унија од германскиот Бундестаг, упати поздравни зборови до учесниците, нагласувајќи ја важноста на Берлинскиот процес како инструмент за зајакнување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија. Тој ја истакна улогата на парламентите во промовирањето на демократските вредности и унапредувањето на политичките и економските реформи во регионот.

Според него, парламентарната димензија на Берлинскиот процес е од суштинско значење за да се обезбеди долгорочна стабилност и просперитет на Западен Балкан. Тој подвлече дека заедничката работа на земјите од Регионот во рамките на оваа иницијатива не само што ќе го забрза процесот на евроинтеграција, туку и ќе создаде услови за поблиска економска и политичка соработка, што е од интерес на сите страни.

Во рамките на првата сесијата посветена на Заедничкиот регионален пазар, претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, истакна дека регионалната економска интеграција претставува еден од главните приоритети за земјите од Западен Балкан, особено во контекст на евроинтеграциите. Тој нагласи дека успешното спроведување на Акцискиот план ќе овозможи зголемена економска соработка, трговска размена и инвестиции, што ќе придонесе за економскиот раст и развој на регионот. 

Милошоски подвлече дека клучно е да се подобри поврзаноста меѓу земјите од Западен Балкан и да се елиминираат бариерите за трговија и транспорт, со што ќе се обезбеди полесен пристап до пазарите на Европската унија.

Пратеничката Рашела Мизрахи во својот говор се осврна на потребата од координирани напори во областа на економската интеграција и привлечноста за странски инвеститори. Таа нагласи дека создавањето на економски поволна средина, која ќе ги поддржи и заштити домашните производители, е од големо значење за долгорочна стабилност и просперитет на регионот. Мизрахи зборуваше и за важноста на процесот на декарбонизација и неговата улога во одржливиот развој на Западен Балкан. Таа нагласи дека нашата држава работи на намалување на емисиите на стакленички гасови и зголемување на користењето на обновливи извори на енергија, но дека за постигнување на овие цели е потребна поинтензивна регионална соработка и заеднички проекти во областа на енергетската транзиција.

Пратеникот Митко Трајчулески го потенцираше социјалниот и економскиот аспект на Акцискиот план, истакнувајќи дека успешната имплементација на Акцискиот план ќе донесе значителни придобивки и благосостојбата на граѓаните. Во тој домен ги спомна коридорите 8 и 10 и важноста од инфраструктурно поврзување помеѓу земјите од регионот. Во однос  инклузивниот пристап кон Акцискиот план, тој истакна дека е неопходен за да се обезбеди долгорочен успех, особено со ангажирање на младите и граѓанскиот сектор во овие процеси.

Во третата сесијата посветена за проширувањето и реформите во ЕУ, пратеничката Дијана Тоска рече дека членството во Европската Унија е нашиот единствен одржлив пат напред, кој обезбедува долгорочен мир, напредок и демократија. Таа рече дека Република Северна Македонија останува посветена на својот пат кон ЕУ, и ги повика институциите на ЕУ да обезбедат јасен план за нашето пристапување, почнувајќи со утврдување на датум за отворање преговори.

Во текот на конференцијата, делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија оствари значајни средби со претставници од комисиите за европски прашања на парламентите од Западен Балкан и земјите членки на ЕУ. 

На овие состаноци беа разменети искуства и најдобри практики за унапредување на регионалната соработка и забрзување на процесот на евроинтеграција. Учесниците се согласија дека зајакнувањето на меѓу парламентарниот дијалог е клучно за поефикасно спроведување на реформите потребни за приближување на регионот кон Европската унија.

Овој настан ја потврдува заложбата на земјите од Западен Балкан за зајакнување на регионалната соработка и унапредување на процесите кои водат кон интеграција во Европската Унија.

Собрание на Република Северна Македонија

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

 

 

Остани поврзан