СИРИЗА бара податоци за бројот на воздушните средства што интервенираа во пожарот во близина на Атина
- Грчката опозициска партија СИРИЗА официјално побара од министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција, Василис Кикиљас да достави податоци за бројот на воздушните средства што интервенираа во пожарите во североисточниот дел на Атика, јави дописничката на МИА од Атина
Атина, 13 август 2024 (МИА) – Грчката опозициска партија СИРИЗА официјално побара од министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција, Василис Кикиљас да достави податоци за бројот на воздушните средства што интервенираа во пожарите во североисточниот дел на Атика, јави дописничката на МИА од Атина.
Лидерот на партијата Стефанос Каселакис на социјалните мрежи напиша дека лично тој, за време на вчерашната посета на координативниот центар на цивилната заштита, на системот за следење видел само три авиони кои интервенираат, а портпаролот на противпожарната служба соопшти дека од воздух се гасне со 32 средства и затоа преку надлежниот пратеник од СИРИЗА Симеон Кедикоглу доставиле официјално барање, „затоа што грчкиот народ има право да ја знае вистината“.
Во барањето Кедикоглу пишува дека „и од прилозите во медиумите и од сведоштвата на жителите се оспорува споменатиот број на воздушни средства што интервенираа“.
- За целосно да биде информиран грчкиот народ, кој има право да знае, како надлежен во пратеничката група на СИРИЗА, ви го пренесувам барањето на опозицијата и лично на претседателот Стефанос Каселакис, да ни биде доставен материјалот од соодветниот систем за снимање, како и досието со соодветните дозволи за летање, од почетокот на пожарот во Атика, до 21:30 часот, кога воздушните средства престануваат со работа поради мракот, пишува пратеникот Кедикоглу во барањето до надлежниот министер.
Тој додаде дека имаат намера податоците да ги побараат и преку парламентарен канал, но бидејќи, како што посочува, за тој процес е потребно повеќе време, бараат „итни одговори кои јавноста има право да ги знае“. ср/ми/