• вторник, 25 март 2025

Се реконструира штипската улица „Пиринска“

Се реконструира штипската улица „Пиринска“

Штип, 24 март 2025 (МИА) – Почна реконструкцијата на водоводната мрежа на штипската улица „Пириниска“, која е стара околу 60 години. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и директорот на ЈП „Исар“-Штип, Александар Арсовски на денешната прес-конференција истакнаа дека градежните активности се во тек за замена на старата азбестна водоводна мрежа, која е штетна и за здравјето на граѓаните. Издвоени се околу шест милиони денари, од кои 2,3 милиони денари се за реконструкција на подземната инфраструктура.

-Жителиите на оваа улица сведочат дека со годините наназад најчестите дефекти на водоводната мрежа се случувале токму на улица „Пиринска“. ЈП „Исар“ досега многупати инсистирале да биде заменета оваа азбестна мрежа која е штетна и по здравјето. Повеќе од 2,3 милиони денари се одвоени за прва фаза, реконструкција на водоводната мрежа, а потоа ќе се навлезе и со целосна реконструкција на улицата, изјави Јорданов.

Директорот на ЈП „Исар“, Арсовски додаде дека станува збор за замена на водоводна мрежа за околу 100 домаќинства.

-Должината е 450 метри, тука вклучува главна водоводна линија Ф110, полиетеленска цевка, која долгорочно ќе го реши проблемот за водоснабдувањето. Овде ќе има повеќе од 100 приклучоци, рече Арсовски. вдј/дма/

Фото: МИА

 

Остани поврзан