• среда, 31 јули 2024

Се реконструира старата водоводна мрежа во Старо Делчево

Се реконструира старата водоводна мрежа во Старо Делчево

Делчево, 2 март 2023 (МИА) - Во Делчево во тек е започна реконструкцијата на старата водоводна мрежа во населбата Старо Делчево со која се заменува старата дотраена азбестна водоводна мрежа со нова пвц-инсталација со вкупна должина од над 800 метри. Проектот како што информираа од Општината се реализира со финансиска поддршка од Министерството за транспорт и врски во износ од 3,1 милион денари, а градежните работи ги извршува фирмата „ПАНЕЛ-М“ од Тетово.

-Согласно со проектот, ќе се поставува нова пвц-водоводна мрежа на улиците „Солунска“и „Ванчо Прке“ во должина од 420 метри и на улица „Острец“ со должина од 390 метри, односно крак 9 од Старо Делчево и крак 3 од потисен цевковод. Co реализацијата на овој проект во Делчево над 90 отсто од старата водоводна мрежа ќе биде заменета со нова пвц-инсталација, истакнаа од Општина Делчево.
 
Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски кој денеска изврши увид во градежните работи додаде дека само преку последните два проекти кои се работат со поддршка на Министерството за транспорт и врски во Делчево реконструирана е водоводна мрежа во должина од 5,4 километри.
 
-Продолжуваме со проектите кои се во насока на подобрување на квалитетот на водата за пиење во Делчево, минимизирање на загубите на вода и превенирање на дефектите на системот, а сепак, најзначајна придобивка од реализацијата на овој проект е позитивното влијание врз здравјето на луѓето. По завршување на реконструкцијата на водоводната мрежа на ул „Ванчо Прке“ ќе започне и комплетната реконструкција на оваа улица со поставување нов асфалт во должина 223 метри, рече Трајковски.
 
За реконструкција на оваа улица како што додаде се обезбедени парични средства во висина од 2,3 милиони денари без вклучен ДДВ од комбинирани извори и тоа:  од Владата на Република Северна Македонија за поддршка на имплементацијата на Декадата и Стратегијата за Ромите и Општина Делчево. вс/дма/
 
Фото извор: Општина Делчево

Остани поврзан