• понеделник, 23 декември 2024

Одбележувањето на патронот на манастирот „Света Марина“ во Туминец, Мала Преспа

Одбележувањето на патронот на манастирот „Света Марина“ во Туминец, Мала Преспа

Пустец, 30 јули 2024 (МИА) – Во присуство на голем број верници од Мала Преспа, поранешни жители и нивните потомци од оваа област, но и Македонци од Корча, Подградец, и други градови во Албанија, како и Ресен, Прилеп и Битола, одбележан беше патронот на манастирот „Света Марина“ во Туминец, Мала Преспа.

Одбележувањето почна синоќа, со вечерна богослужба, а по вечерата приложена од кумовите на манастирската слава Ставре Ставре, Славче Ставре и Васил Јанкула, во дворот на манастирот до доцна во ноќта се виеше македонско оро и се пееја македонски песни.

По денешната утринска богослужба, се светеше вода, по што продолжи дружењето на присутните, меѓу нив и иселеници, кои каде и да се, за овој празник се тука во родниот крај. Богослужбите ги одржаа свештениците Алексо Темелко и Ропи Арѓири и двајцата Македонци од Мала Преспа.

Организатор на одбележувањето на манастирската слава беше Црковниот одбор, а традиционално по повод денешниот празник посветен на Света великомаченица Марина – Марена – Огнена Марија, честитки упатија, градоначалникот на општина Пустец Пали Колефски, лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција Васил Стерјовски, претседателот на друштвото „Преспа“ и поранешен градоначалник Едмонд Темелко, Никола Ѓурѓај, претседател на МД „Илинден“-Тирана, како и познатиот активист Панди Јани и локален лидер на Партија на слободата.

- Честит и вековит да ни е денешниот ден посветен на Света Марена, да ни е на помош и да ни дарува здравје, многу радост, среќа, мир благосостојба. Огнена Марија е симбол на верба, надеж и љубов. Нека нејзината светлина ви го осветли патот и ве води кон напредок и благослови. Нека овој празник биде потсетник за важноста на заедништвото и меѓусебната поддршка во нашата заедница, главно посакуваат во честитките.

Овој манастирот датира од 18 век, а обновен е во 1926 година. Се наоѓа на самиот брег од Преспанското Езеро, покрај местото наречено Писан Камен, локација која самата по себе му дава дополнителна убавина и привлечност. Во него се наоѓаат поголем дел од моштите на Светицата каде сè уште се случуваат чуда над нејзините мошти

Инаку, селото Туминец е едно од деветте населени места во Мала Преспа. Се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро во близина на граничниот премин Стење – Горица и е второ село по големина, со околу 800 жители.

Денеска празникот Света Марена се одбележа и во областа Шпат, која е под јурисдикција на Елбасанска митрополија. Во округот Елбасан живее многубројна македонска и друга православна заедница. вт/ир

 

Фото: МИА

 

Остани поврзан