• понеделник, 23 декември 2024

МВР: Од Венецуела нема барање за проверки од наша страна, македонските ИП-адреси не значат дека нападите се од тука

МВР: Од Венецуела нема барање за проверки од наша страна, македонските ИП-адреси не значат дека нападите се од тука

Скопје, 30 јули 2024 (МИА) - Министерството за внатрешни работи информира дека неговиот Сектор за компјутерски криминал ги следи случувањата во врска со обвинувањето од Венецуела за наводни хакерски напади од корисници на македонски ИП-адреси за време на нивните избори. Соопшти и дека од таа јужноамериканска држава досега не се пристигнати барања или информации за проверки што треба да ги направи нашето МВР.

-Во врска со објавите за наводни изјави од страна на властите во Венецуела дека за време на изборите кои биле одржани на 28 јули 2024 се случиле наводни хакерски, Ddos напади од корисници на македонски IP адреси,  Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека Секторот за компјутерски криминал ги следи случувањата во однос на наводните обвинувања кон македонски државјани и, исто така, наведуваме дека до сега не се пристигнати никакви барања или информации во однос на горенаведеното од страна на властите во Венецуела за понатамошни проверки од наша страна, соопшти попладнево МВР. 

Министерството укажува и дека „дури и појавувањето на македонски IP адреси во некаков наводен напад, не значи дека тие  изворно потекнуваат од Македонија“.

-По досегашното искуство може да информираме дека постои голема веројатност истите да користат ВПН (Виртуални приватни мрежи) или, пак, да се дел од поголема BotNet мрежа, односно да потекнуваат од таканаречени инфицирани зомби компјутери, кои се компромитирани од страна на хакери преку компјутерски вируси или  малициозен софтвер и истите можат да извршат зададени задачи далечински управувани од поединци или група на потенцијални хакери, наведува Министерството за внатрешни работи. 

Во известувањето МВР посочува дека најчесто жртви на ваквите зомби компјутери се лица кои не знаат дека нивните компјутерски системи се инфицирани со малициозен софтвер.

-И без нивно знаење и согласност се вршат Ddos напади кои претставуваат злонамерен обид да се наруши нормалниот интернет сообраќај на зададениот сервер, сервис или мрежа за пристап до одредена цел во еден ист момент со цел нејзино блокирање, преоптоварување, додава МВР во соопштението. хс/дма/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан