• понеделник, 23 декември 2024

Се работи на оспособување на ски-лифтовите на Попова Шапка за претстојната сезона

Се работи на оспособување на ски-лифтовите на Попова Шапка за претстојната сезона

Тетово, 12 ноември 2024 (МИА) - Ски-центар Попова Шапка ги почна подготвителните активности во пресрет на претстојната скијачка сезона, информираше денеска новиот управител на државното Друштво за туризам, угостителство, рекреација и спорт Ски центар Попова Шапка, Абдулгани Алији.

Според него, во моментот се вршат контроли, проверки и отстранувања на дефекти на седумте ски лифтовите и жичниците со цел тие да бидат оспособени за почеток на ски сезоната.

-Нашите вработени работат на проверка и отстранувања на дефекти на ски лифтови и ратраци. Имало дефекти но се отстранети и гледаме сите ски лифтови да бидат подготвени за скијачката сезона. Во моментот се проверени и подготвени за работа ски лифтовите Ге и Аеродром, а во тек е двоседот, истакна Алији.

Од двата хотелски капацитети, хотелите Попова Шапка и Славија, според директорот, само едниот ќе работи во текот на сезоната.

-Оваа сезона планираме да работи хотел Славија бидејќи има услови. Хотел Попова Шапка е во многу лоша состојба и нема услови да се пушти да работи, изјави Алији.

Директорот вели дека за Ски центар Попова Шапка ќе треба да се најде решенија и за вработените на кои им доцнат плати.

-Две плати се во минус вработените. Со систематизација има 79 работни места , но се ангажирани во моментот 42 луѓе со договори бидејќи Друшвото е нова фирма, истакна Алији.

Според управителот тие како Друштво ќе се фокусираат на подготовките за почеток на сезона, додека за инвестиции на скијачкиот центар очекува да се направи од страна на министерствата.  ас/цр

Фото: МИА 

Остани поврзан