• сабота, 23 ноември 2024

Се врати карневалот во Прилеп: Мечкари, Индијанци, рудари, Крали Марко на карневалско дефиле

Се врати карневалот во Прилеп: Мечкари, Индијанци, рудари, Крали Марко на карневалско дефиле
Прилеп, 6 март 2022 (МИА) - Зурли, тапани за прилепските мечкари, групни маски на рудари, Индијанци, тутунари, кинески змејови, Крали Марко, Џоломарите и со жонглери и со мажоретки. Сите беа дел од карневалското дефиле во центарот на Прилеп, на 20-тиот карневал Прочка. Околу 500 учесници беа дел од карневалското дефиле. Карневалот, традиционално го отворија прилепските мечкари, велат годинава се најбројни, околу 50 учесници, со подмладокот. Тони Павлески нагласува дека традицијата ја одржуваат, сега ги обновија маските со нови кожи, ѕвонци добија од фирмите и очекуваат целосна подготвеност маската да биде заштитена од УНЕСКО. - Годинава сме најбројни, имаме околу 50 мечкари, со подмладокот. Работиме постојано, ја обновуваме маската и се надеваме дека ќе биде заштитена од УНЕСКО. Тоа ќе потрае, ама сме упорни да ја зачуваме вековната традиција. Мора да останеме оригинални, маската да биде автентична, од животинско потекло, објаснува Павлески. Мечкарите нагласуваат да се зачува традицијата, а од здружението „Прилепски прочкари“ работеле на оригинална маска „Крали Марко и црна Арапина“. - Се знаело дека во тоа време се грабале невести, така и Црна Арапина направил, сосила правел свадба, а за кум е Крали марко. Ќе се види како Крали Марко ќе ја брани честа, вели Горан Ржаникоски, во улогата на „Крали марко“ и претседател на здружението „Прилепски прочкари“. Прилепчани по традиција во голем дел излегоа во центарот со маски и велат „преправени“. Посебно задоволство беше за младите, а во карневалското дефиле учествуваа групни маски од училиштата: Кинески змеј, Индијанско село, , Деца на сонцето, Минери во рудник, Џоломарите од Кавадаречко од Куратица и бројни маски го надополнија расположението во Прилеп. Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески ја нагласи традицијата на маскирањето, но и на проштевањето на Прочка. - Младите одат кај постарите да побараат прошка за направените гревови.А се одржува и вековната традиција на маскирање или „преправање“ на Прочка во Прилеп. Задоволство е што продолжи традицијата, иако годинава со учесници од Прилеп и од земјава, се надеваме, откако ќе се симнат протоколите за пандемијата, да имаме гости од странство, рече Јовчески. Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“, коорганизатор на Карневалот вели дека Карневалот ја нагласува вековната традиција. - Бројните посетители се сведоци на прилепската и на македонската вековна традиција и очекуваме Карневалот да го врати мешународниот сјај, изјави Георгиев. Стручно жири денеска ги оценува најдобрите и најоригинални маски на Карневалот Прочка во Прилеп. Утре, традиционално, Прилепските мечкари покануваат гости на посен ручек во манастирот „Свети Ѓорѓија“ кај прилеп, означувајќи го почетокот на велигденските пости. /свс/сп/

Остани поврзан