• недела, 28 јули 2024

Сејдини во делегацијата на Инфантино на средби со косовскиот државен врв 

Сејдини во делегацијата на Инфантино на средби со косовскиот државен врв 

Приштина, 30 септември 2022 (МИА) – Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамет Сејдини е дел од делегацијата што го придружува првиот човек на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино на неговата денешна официјална посета на Косово и средбите со шефот на државата Вјоса Османи и премиерот Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина. 

Покрај Сејдини и неколку високи претставници на ФИФА, во придружба на Инфантино се и неговиот домаќин, претседателот на Фудбалската федерација на Косово, Агим Адеми, како и челникот на Албанската фудбалска федерација, Армандо Дука. 

Претседателката Османи преку нејзината страница на Фејсбук му се заблагодари на Инфантино за поддршката на косовскиот спорт и нагласи дека тој, заедно со покојниот легендарен косовски фудбалер Фадиљ Вокри, се најзаслужни за зачленувањето на Косово во ФИФА. 

- Спортот ги обединува луѓето и државите, но и ги елиминира разликите! Денеска имав задоволство да го пречекам претседателот на ФИФА, Џани Инфантино … На почетокот на мандатот на Инфантино, Косово стана 210-та членка на ФИФА со извонреден придонес од негова страна и со неуморната работа иконата на косовскиот фудбал, Фадиљ Вокри, напиша Османи. 

Инфантино, кој денеска за прв пат престојува во Косово, на Османи и Курти им подари официјални фудбалски топки и дресови на ФИФА со нивните имиња. 

Претходно челникот на ФИФА положи цвеќе на споменикот на Вокри, кој е подигнат на стадионот кој го носи неговото име во Приштина. 

Косово стана членка на ФИФА во мај 2016 година, а две години подоцна, на 57-годишна возраст, почина Вокри, кој беше претседател на косовската фудбалска организација од осамаостојувањето на државата во 2008 година. иа/ег/

Остани поврзан