• сабота, 23 ноември 2024

Самит на „Македонија 2025“ на 15 и 16 мај во Скопје

Самит на „Македонија 2025“ на 15 и 16 мај во Скопје

Скопје, 7 мај 2024 (МИА) – Над 400 гости, околу 50 панелисти поделени на 12 панели и три главни говорници ќе има на годинашниот Самит во организација на невладината „Македонија 2025“, што на 15 и 16 мај ќе се одржи во Скопје, на кој главен фокус ќе биде како да дојдеме до повисоки стапки на раст на економијата.

-На Тринаесеттото издание на Самитот на Македонија 2025 ќе бидат обработени теми како да дојдеме до повисок економски развој, подобра регионална соработка, лидерство, развој на семејни бизниси, дигитална трансформација на бизниси, механизми за намалување на корупцијата. Ќе порачаме дека ние како организација сме спремни и отворени за поддршка на новата влада за постигнување на повисоки стапки на раст од 5 или 6 проценти и за начинот како да дојдеме до тоа, истакна извршниот директор на „Македонија 2025“ Никица Мојсоска Блажевски на денешната средба со новинарите.

Во периодот од мај 2023 до мај годинава, како што кажа, „Македонија 2025“ имплементира околу 40 програми, во септември лани организира Хуманитарна гала во Америка на која се собраа финансиски средства за имплементација на програмите на невладината организација.

-Таму успеавме да собереме околу 450 лица од нашата дијаспора кои се надевам дека во иднина ќе придонесуваат повеќе во развојот на „Македонија 2025“, рече Мојсоска Блажевски.

Нагласи дека „Македонија 2025“ пред два месеци излезе со програма „Една визија за забрзан раст“ со која планира да влијае врз носителите на политики за да има побрз и поголем просперитет во државава.

-Изминатите месеци повеќе бевме фокусирани на разговори со политичките чинители. Се обидувавме да ги убедиме да применат или во идните програми да предвидат мерки и активности за кои сметаме дека се клучни за развојот на Македонија, почнувајќи од намалување на корупција, зголемување на конкурентноста на компаниите, дигитализација на владини услуги и подобрување на односите со дијаспората, потенцира Мојсоска Блажевски.  

Во деновите до почетокот на Самитот, додаде, „Македонија 2025“ ќе организира околу пет предавања на високообразовни институции и исто толку работилници во коморите и во некои компании со совети како да растат бизнисите, но и неколку средби со државни институции во областа на дигтализацијата, економијата и привлекување на инвестиции, како и со политичките партии. вј/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан