• вторник, 24 декември 2024

Руско мешање на гласањата во Грузија и Молдавија се заканува на нивниот пат кон ЕУ

Руско мешање на гласањата во Грузија и Молдавија се заканува на нивниот пат кон ЕУ

ЕНР - Брисел

2 ноември 2024

Земјите кандидати за членство во ЕУ, Грузија и Молдавија, презедоа одлучни, но различни чекори кон членство во ЕУ по неодамнешните гласања кои беа обележани со обвинувања за мешање од страна на Русија. 

Грузија: Централната изборна комисија во Грузија ја прогласи конзервативната националистичка и проруска партија Грузиски сон на премиерот Иракли Кобахидѕе за победник на парламентарните избори кои се одржаа на 26 октомври – резултат кој е жестоко оспорен од опозицијата, како и од меѓународни играчи како што се Европската унија и САД. 

Прозападната претседателка Саломе Зурабишвили ја обвини Москва дека стои зад изборните измами во Грузија и дека земјата е дел од „руската специјална операција“, а опозицијата во Тбилиси ја обвини владејачката партија Грузиски сон дека прима наредби од Москва. 

По широко распространетите обвиненија за нерегуларности и протести против резултатите, Централната изборна комисија во вторник соопшти дека ќе ги преброи гласовите во 14 проценти од гласачките места во Грузија. Властите ќе ги пребројат гласовите на пет гласачки места во секоја изборна единица, стои во соопштението. 

Молдавија: На 20 октомври, Молдавија гласаше со тесно мнозинство за вметнување на проевропски курс во уставот, по референдумот и обвинувањата дека Русија се обиде да го манипулира гласањето. Според избројани гласови, 50,46 отсто од гласачите гласале за уставните измени. 

Истиот ден, Молдавија го одржа и првиот круг од претседателските избори на кои победи прозападната претседателка Маја Санду. Таа освои 42,3 проценти од гласовите, во споредба со 26 проценти на нејзиниот главен ривал Александр Стојаногло, проруски поранешен јавен обвинител. Се очекува Санду да се соочи со тежок втор круг на претседателските избори на 3 ноември против Стојаногло.  

Грузија во политички немири поради спорните избори 

Изборната комисија во Грузија, врз основа на прелиминарните резултати, ја прогласи партијата Грузиски сон за победник на изборите со освоени 54 отсто од гласовите. Околу 37,8 отсто од гласовите освои сојузот на четири прозападни опозициски партии. 

Според резултатот, Грузиски сон доби 89 места во 150-члениот парламент – доволно за владеење, но далеку од супер мнозинството потребно за усвојување на уставна забрана на сите главни опозициски партии. 

Илјадници луѓе протестираа во понеделникот вечерта во главниот град на Грузија, Тбилиси против победата на партијата Грузиски сон, по повиците од опозицијата за повторување на изборите под меѓународен надзор. 

Претседателката Зурабишвили – во расправа со владејачката партија – им порача на граѓаните: „Вашите гласови се украдени, но нема да дозволиме никој да ни ја украде иднина“. 

Таа тврдеше дека во гласањето биле употребувани „прилично софистицирани“ заговори. Таа претходно ги прогласи резултатите од изборите за „неважечки“, поради мешање од страна на „руска специјална операција“ 

Според неа, со исти лични карти се гласало повеќе пати во различни региони, дека пари биле делени пред гласачките места и дека имало прекршоци со користење на електронска технологија за гласање. 

Кремљ негираше дека Русија имала удел во изборите и тврди дека европските држави биле оние кои извршиле притисок врз Грузија. 

Основач и лидер на Грузиски сон е милијардерот Бидзина Иванишвили, кој своето богатство го стекна во Москва и фаворизира помирување со Русија и соработка со Кина. Иванишвили е голем критичар на Западот. 

ЕУ ги критикува нерегуларностите и руското мешање 

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен повика на независна истрага за „нерегуларностите“ на изборите во Грузија, инсистирајќи дека Грузијците имаат право да знаат што се случило. ЕУ и САД побараа од Тбилиси да отвори истрага за можни нерегуларности.  

Министрите од 13 земји на Европската Унија, исто така, го осудија „нарушувањето на меѓународните норми“ на парламентарните избори во Грузија, оценувајќи дека „не се во согласност со стандардите очекувани од кандидат за членство во ЕУ“. 

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, исто така, ја повика изборна комисија и релевантни власти брзо, транспарентно и независно да ги истражат и донесат одлука за изборните нерегуларности и обвиненијата. 

Мишел додаде дека ќе ја стави Грузија на агендата на неформалниот самит на ЕУ во Будимпешта закажан за 8 ноември. 

Опозицијата со месеци го обвинува партијата Грузиски сон дека го оддалечува Тбилиси од целта за приклучување на ЕУ и за враќање во орбитата на Русија. 

Поранешната советска република на јужната граница на Русија е кандидат за членство во ЕУ од декември 2023 година. Сепак, Брисел го одложи стартот на пристапните преговори поради неколку репресивни закони кои Грузискиот сон ги усвои оваа година. 

Премиерот Иракли Кобахидзе во понеделникот се обиде да ја намали напнатата политичка ситуација во земјата, уверувајќи ги гласачите дека земјата останува посветена на ЕУ. Грузија сака целосно да се интегрира во блокот до 2030 година, рече тој на владина седница во Тбилиси. 

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, блокирачкиот глас во Европската Унија кој негува блиски односи Москва, побрза да и честита на партијата Грузиски сон за „големата победа“, откако една излезна анкета покажа дека таа е во водство, дури пред да бидат објавени прелиминарните резултати. 

Орбан, чија земја моментно го држи ротирачкото претседателство на Советот на Европската Унија, пристигна во Грузија во понеделникот навечер за да ја покаже својата поддршка за Владата во пресрет на овие обвинувања. Во вторникот, тој изјави дека не се сомнева во резултатите од изборите во Грузија и покрај обвиненијата за измами и купување гласови. 

Шефот за дипломатијата на Европската Унија Жосеп Борел потенцира дека при оваа посета, иако Унгарија претседава со ЕУ, Орбан „не ги претставува“ ставовите на блокот за надворешни прашања. 

Молдавија: Приближување кон ЕУ 

На референдумот одржан на 20 октомври, Молдавците со тесно мнозинство се изјаснија за пристапување кон Европската Унија. Од изброените гласови, гласовите „за“ изнесуваа 50,46 проценти, но стравот од руско мешање во гласањето беше голем. 

Молдавија, од која е дел и прорускиот сепаратистички регион Приднестровие, е кандидат за членство во ЕУ, но традиционално е растргната помеѓу Западот и Русија. Молдавија е претежно земјоделска и сиромашна земја според европските стандарди. Се наоѓа помеѓу Украина и членката на ЕУ, Романија, која исто така е и дел од НАТО. 

Про-ЕУ ориентираната претседателка Маја Санду, која го победи претседателот поддржан од Москва во 2020 година, ја поднесе апликацијата на Молдавија за приклучување на ЕУ по руската инвазија на Украина во 2022 година. Земјата доби статус на кандидат на 1 јуни 2022 година и преговорите за пристапување ги започна во јуни 2024 година. Санду побара  референдум со цел нејзината стратегијата да добие мандат од граѓаните. 

Референдумот беше внимателно набљудуван во Брисел, но надежта за силно мнозинство во корист на ЕУ, која вети 1.8 милијарди евра економска помош за Молдавија овој месец, згасна. 

ЕУ ја обвини Русија за „невидено“ мешање во гласањата во Молдавија, кои се сметаат за едни од најважните во постсоветската историја на земјата. 

- Европската Унија го осудува невиденото злонамерно мешање од страна на Русија на претседателските избори и уставниот референдум во Молдавија, стои во изјавата на Борел во име на 27-те земји-членки на блокот. 

Полицијата уапсила стотици луѓе во изминатите недели поради „невиден“ заговор за купување гласови, за кој велат дека може да опфати до една четвртина од гласачките ливчиња. Полицијата, исто така, соопшти дека милиони долари од Русија биле пренесени во земјата со цел да се корумпираат гласачите. 

Според полицијата, покрај заговорот за купување гласови, стотици млади луѓе биле обучени во Русија и на Балканот за да создадат „масовен неред“ во Молдавија, вклучително и користење тактики за провоцирање на полицијата. 

Анти-ЕУ кампањата наводно била организирана и финансирана од молдавскиот олигарх Илан Шор, кој е лојален на Москва и се смета за влијателен лик во молдавската политика. Во 2023 година, тој беше осуден во отсуство во својата татковина на 15 години затвор за перење пари и измама, а сега е бегалец и баран со потерница. 

Москва, од своја страна, обвини дека молдавските власти користеле „антидемократски, тоталитаристички методи“ во изборната кампања, а портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, го обвини Западот за „очигледно мешање во изборниот процес“. 

Фото: ЕНР

Остани поврзан