Русија ги брише талибанците од листата на терористи
Москва, 26 ноември 2024 (МИА) - Русија наскоро ќе ги отстрани талибанците од својата листа на терористи, соопшти талибанската влада на Авганистан, цитирајќи ги зборовите на вчерашниот гостин во Кабул, Сергеј Шојгу, поранешен министер за одбрана на Русија, сега секретар на Советот за безбедност.
Шојгу разговарал за „зајакнување на политичките односи и економската соработка и начините за зголемување на трговијата и руските инвестиции во Авганистан“ со неколку авганистански министри од редовите на талибанците, се наведува во соопштението на талибанските власти.
Посетите на високи странски претставници на Авганистан се ретки бидејќи ниту една земја во светот не ја признала талибанската влада, на власт од август 2021 година. зш/