Израелската војска го нападна централниот дел на Бејрут непосредно пред гласањето за примирје во Либан
- Израелски воени авиони денеска го нападнаа централниот дел на Бејрут и јужните предградија, испуштајќи густ чад над либанската престолнина пред планираното гласање на израелското раководство за договорот за прекин на огнот.
Бејрут, 26 ноември 2024 (МИА) - Израелски воени авиони денеска го нападнаа централниот дел на Бејрут и јужните предградија, испуштајќи густ чад над либанската престолнина пред планираното гласање на израелското раководство за договорот за прекин на огнот.
Договорот беше постигнат со посредство на САД со цел да се стави крај на повеќе од едногодишниот конфликт меѓу Израел и либанскиот Хезболах.
Израелската војска, исто така, издаде предупредување до жителите на повеќе од 20 згради во предградијата на Бејрут да се евакуираат пред да бидат нападнати.
Израелските копнени сили стигнаа до дел од либанската река Литани за првпат од почетокот на конфликтот, централна точка на предлогот за прекин на огнот.
Прекинот на огнот се уште не е гарантиран, но се очекува да биде одобрен од комитетот за безбедност на израелската влада на состанокот попладнево. Либанските власти рекоа дека Хезболах исто така го поддржува договорот.
Договорот предвидува првичен двомесечен прекин на огнот и повлекување на вооружените сили на Хезболах од големи делови на јужен Либан, а израелската армија да се повлече на својата страна од границата.
Илјадници либански војници и мировници на ОН ќе бидат распоредени на југ, а меѓународната комисија предводена од САД ќе го надгледува почитувањето на договорот од сите страни.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац денеска тврдеше дека армијата ќе го нападне Хезболах доколку мировните сили на ОН, УНИФИЛ, не обезбедат ефикасно спроведување на договорот. паг/
Фото: ЕПА