• среда, 12 февруари 2025

Регионалните и меѓународните случувања во фокусот на средбата Христодулидис - Херцог во Никозија

Регионалните и меѓународните случувања во фокусот на средбата Христодулидис - Херцог во Никозија

Никозија, 10 јануари 2025 (МИА) – Силното пријателство и соработка меѓу Израел и Кипар и меѓу нашите два народи се витални столбови на стабилноста, безбедноста и надежта во нашиот регион, напиша претседателот на Израел Исак Херцог на платформата Икс по вчерашната вонредна средба со неговиот кипарски колега Никос Христодулидис во Никозија, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпарлот на кипарската Влада Константинос Летибиотис информираше дека двајцата претседатели разговарале за регионалните и меѓународните случувања, а „дискусијата се фокусираше на развојот на ситуацијата во Сирија и можните последици за Источниот Медитеран, паралелно подвлекувајќи ја стабилизирачката важност на Кипар како мост меѓу регионот и Европската унија“.

Израелскиот претседател преку Икс му се заблагодари на Христодулидис за „цврстото пријателство и топлата и продуктивна дискусија“.

-Зборувавме за прашањето што е од највисок приоритет – враќањето дома на заложниците кои сурово ги држи Хамас во Газа – како и за последните регионални предизвици и хуманитарните напори во Газа, напиша Херцог.

Паралелно со средбата на двајцата претседатели, како што пишуваа кипарските медиуми, пред Претседателската палата во Никозија се одржал протест за поддршка на палестинскиот народ и против Израел, а демонстрантите, според објавените фотографии. имале плакати со слогани „Херцог, не си добредојден овде“, „Да се стави крај на геноцидот на народот во Палестина“; „Воените злосторници не си добредојдени“; „Не постои мир без правда, слобода за Палестина“; „Израел убива цивили во Газа, Западниот Брег, Јемен, Сирија и Либан“.

Кипарскиот претседател денеска ќе биде во посета на Либан каде што ќесе сретне со новоизбраниот претседател Џозеф Аун, а според портпаролот на Владата се очекува да разговараат за случувањата во Источниот Медитеран и Блискиот Исток, како и внатрешните прашања кои директно го засегаат Либан, „при што Република Кипар ја потврди својата подготвеност да обезбеди помош“. ср/

Остани поврзан