• четврток, 07 ноември 2024

Реакција на Синдикалната организација при МАНУ

Реакција на Синдикалната организација при МАНУ

8 април 2024 

Синдикалната организација при МАНУ, како што беше најавено во претходните две соопштенија до медиумите, објавени на 1 април и на 3 април 2024 година, продолжува со информирање на јавноста дека зад молкот се кријат превирања и игри што ги тресат ѕидиштата на тврдината МАНУ.

Оттука, продолжуваме со поставување на следниве три прашања:

1. Зошто раководните структури на МАНУ не побараа помош и поддршка од очигледно помоќната група академици со албанска етничка припадност и од народните избраници од албанскиот блок, ако веќе немаа доволно капацитет да креираат стратегија за решавање на прашањето за усогласување на платите на вработените во МАНУ со платите на вработените во сите јавни високообразовни и научноистражувачки установи во земјата, имајќи предвид дека последните законски измени (во 2009 и во 2012 година) се носени по Бадинтер, туку поради својата суета промислено ги истиснаа од играта, па вработените останаа на ветромет, а МАНУ надвор од системот? А потоа и децидно прашуваме: Зошто молчат академиците со албанска етничка припадност, зар тие не се дел од МАНУ, прво, и второ, која е заднината поради која пратениците од албанскиот блок, како избраници во народното собрание, гласаа против вработените во МАНУ?

2. Зошто се злоупотребува организациската поставеност во МАНУ во која академиците, со статус на невработени лица во институцијата кои, и покрај постојните приходи, примаат и академска награда, месечно и доживотно, како општествено признание, а не плата како егзистенцијален приход, наместо да ја играат очекуваната општествена улога, парадоксално, се наметнуваат како несоборливи моќници поигрувајќи си со судбината на дискриминираната категорија вработени во Секретаријатот и во стручните единици на МАНУ и игнорирајќи го нивниот глас, иако нивната егзистенција зависи токму од оваа институција, а со цел да се задоволат нечии политички и други интереси?

3. Дали МАНУ прераснува во приватна фирма чии стопани, под превезот на декларирањето за критериумите за стручност и компетентност, свесно го блокираа Предлог-законот за МАНУ за да продолжи препознатливата селекција според некои измислени критериуми за избор на пулените на моќниците на кои им се овозможува да уживаат нелегитимни привилегии и права според критериумот за заемна услужност?

4. ...

5. ...

6. ...

...

МАНУ сè повеќе тоне како Титаник во морето на инертност, обезличеност и бесперспективност, наместо да биде прва флота во општествената регата. Бурата не стивнува, напротив ветриштата дуваат сè посилно...

 

Синдикална организација при МАНУ

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан