• сабота, 27 јули 2024

Работно тело ќе презема краткорочни мерки и решенија за загадувањето на воздухот во Струмица

Работно тело ќе презема краткорочни мерки и решенија за загадувањето на воздухот во Струмица

Струмица, 27 декември 2023 (МИА) - Со формирање на Работно тело Општина Струмица ќе презема краткорочни мерки и решенија за намалувањето на загадувањето на воздухот во Струмица.

Ова е еден од заклучоците од денешната седница на Локалниот совет за превенција, кој расправаше за загадувањето во Струмица, кое станува алармантно и многу денови го поминува дозволениот праг со присуство на ПМ честички.

-Не бараат граѓаните да видиме кој е тука виновен, граѓаните најмалку сакаат да гледаат пинг-понг од институциите, кој е надлежен, а кој не е, туку вреди да се спомне проектот со УНДП кој чини 20 милиони денари, а во кој Општината кофинансира 10 милиони денари, во однос на повеќе мерења внатре во институциите за да ја видиме состојбата со воздухот во самите институции коишто ќе ни бидат индикативни мерки при изготвување на Акцискиот план, којшто исто така е составен дел на проектот со УНДП, а ќе биде во насока на испорачување на конкретни мерки и решенија во однос на справување со аерозагадувањето, изјави грдоначалникот Костадин Костадинов.

Тој се надева дека и по формирањето на работното тело од повеќе институции ќе може да се почне со решавање на проблемот.

-Како што го решивме проблемот со дивите продавачи долж булеварите и околу пазарот „Чешел“, поприлично сум оптимист дека ќе помогнеме во отпочнувањето со конечното решавање на проблемот со аеро загадувањето. За жал надлежностите се такви какви што се на нашите инспектори, за жал легистатливата е таква каква што е и сите тие бирократски процеси, но не смееме да се откажеме оти тоа е наша одговорност пред граѓаните и најмалку што можеме да направиме е да се посветиме и уште повеќе и поголем фокус да ставиме на овој проблем, додаде Костадинов.

Тој во обраќањето пред присутните ги елаборираше среднорочните и долгорочните мерки за справување со аерозагадувањето коишто ги презема општина Струмица, како што се новиот Генерален урбанистички план со кој е предвидено максимилизирање на зелените површини во урбаниот опфат на општина Струмица, односно постоечките 40 хектари на зелена површина се зголемуваат на 84 хектари и имплементацијата на електрифициран јавен превоз којшто покрај подобрувањето на мобилноста и комуникацијата на граѓаните низ градот со населените места оди и во насока на справувањето со аерозагадувањето.

Како што истакнаа еко-активисти од Струмица, кои учествуваа на седницата на Локалниот совет за превенција, на Општината и требат брзи мерки за намалување на загадувањето на воздухот и откривање на причинителите за енормното загадување и затоа треба што побрзо да се преземат итни мерки и решенија за да може аерозгадувањето да дојде до подносливи граници. рт/сст/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан