• сабота, 23 ноември 2024

Протестираа вработените во кумановската градинка поради неисплатена јунска плата

Протестираа вработените во кумановската градинка поради неисплатена јунска плата

Куманово, 22 јули 2024 (МИА) - Протестираа денеска вработените во кумановската градинка поради неисплатена јунска плата. Протестот во траење од половина час во организација на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) се одржа пред управната зграда. Вработените од осумте објекти на установата „Ангел Шајче“ бараат да им биде исплатена платата. Дел од вработените кои го поддржуваат протестот останаа со децата кои се згрижени во објектите.

Цветанка Митевска, претседателка на регионален одбор на СОНК и претседател на синдикална организација во градинката изјави дека го организираат протестот по информацијата дека два месеца вработените во кумановската градинка нема да земат плата.

-Од кои причини, тоа институциите треба да си одговорат. Ние во четврток донесовме одлука на средба, на која беше присутен и претседателот на СОНК, Јаким Неделков. Вработените легитимно изгласаа да пристапиме кон оваа мерка, протест пред градинката, и да се реши што побрзо овој проблем. За јуни немаме земено плата, револтот е тука што во државата само во кумановската градинка плата нема, за што еве реагираме и се надеваме дека ќе биде решено. Имаме информација од СОНК, претседателот контактирал со Министерството за финансии, и имаме известување дека плата ќе има во најскоро време, изјави Митевска.

За протестот се информирани надлежните од ЈОУДГ „Ангел Шајче“, градоначалникот Максим Димитриевски и надлежното Министерство за труд и социјална политика и полицијата.

- Се надеваме дека ќе има плата, членството ќе одлучи денеска што понатаму, се надеваме дека до утре најдоцна ќе се реши проблемот. Тоа се административни грешки, таква информација имаме од претседателот на СОНК и од Министерството за финансии, дека грешката е отстранета. Не би коментирала за причини, тука се институциите, затоа сме собрани тука да го решиме проблемот, додаде Митевска.

Во моментов вработените имаат здравствено осигурување, но се пожалија дека стравуваат за егзистенцијата, бидејќи сите ја очекуваат месечната плата.

-Сите егзистираме од таа плата. Имаме и по двајца од семејство вработени во градинка, кога плата е во прашање, нема политички превирања, истакна  Митевска.

Додека траеше протестот, дел од вработените кои не се членови на синдикатот беа ангажирани да бидат со децата во установата. Кумановската градинка е една од најголемите во државата со 232  вработени, од кои 160-ина се членови на  синдикат. ам/хс/ 

Фото: МИА

Остани поврзан