• недела, 17 ноември 2024

Продолжува штрајкот на синдикатот на ДИЦ, нема да се спроведе стручниот испит за наставници и стручни соработници

Продолжува штрајкот на синдикатот на ДИЦ, нема да се спроведе стручниот испит за наставници и стручни соработници

Скопје, 14 декември 2023 (МИА) - Поради продолжување на штрајкот на синдикатот на Државниот испитен центар, кој беше ставен во мирување во мај оваа година, нема да се спроведе стручниот испит за наставници и стручни соработници за приправници, а нема да се реализира ниту основната обука за директори.

Како што изјави денеска Емилија Бошковска од Синдикатот на ДИЦ, штрајкот продолжува поради недобивање на задоволителен одговор од Министерството за финансии за покачување на платите на вработените во оваа институција, односно нивно изедначување со платите на наставник ментор. Таа потенцираше дека платите на вработените во Државниот испитен центар се за 25 проценти помали од платите на наставник ментор. Станува збор околу 26 вработени лица.

Бошковска потенцира дека нема да се спроведе стручниот испит за наставници и стручни соработници, а се загрозува и спроведување на матурата.

-Во овој момент требаше да се случува стручниот испит за наставници и стручни соработници за приправници. Тоа е нешто во кое се инволвирани и засегнати околу 700 лица кои се пријавени во овој испитен рок. Тие 700 лица очекуваат да полагаат да го положат испитот и да им се трансформира работниот однос до крајот на годината, но во овој случај испитот нема да се случи. Тоа е нешто што сега можеби е поактуелно и од матурата и покрај тоа што матурата од 1 јануари ќе биде пополнување и изјаснување на учениците и внесување во системот на предмети, рече Бошковска.

Таа потенцира дека во меѓувреме се изготвуваат прашања за матурата и се доставуваат кај нив, но нивните координатори нема да ги примат.

-ДИЦ  постојата има важни активности во образованието. Минатиот пат штрајкот беше непосредно пред матурата па не обвинија дека сакаме да уценуваме. Матурата и во овој момент кога го почнуваме штрајкот повторно ќе биде загрозена, затоа што тоа е процес што се случува во текот на целата година. Повеќе процеси кои се во тек ќе бидат стопирани. Основната обука за директори нема да се реализира, нема да почнат нови групи, додаде Бошковска.

Таа додаде дека последните седум месеци имаат директни и индиректни преговори со Министерството за финансии, со посредство на  Министерство за образование.

-Во овој период изготвивме неколку измени на колективниот договор и по два месеци чекавме одговори од Министерството за финансии. На последниот предлог уште немаме одговор и најпосле ни е јасно дека сето ова беше одолговлекување и решивме дека и покрај тоа што не сакаме, ќе мораме да преминеме во реактивирање на штрајкот кој што веќе беше активен во претходниот период, потенцираше Бошковска.

Таа појасни дека реално решение за нивниот проблем не е понудено, а потенцираше и дека во моментов имаат недостиг од правник, но постојано добиваат и одбивање за вработување. бт/нд/ 

Фото: МИА

Остани поврзан