• понеделник, 23 декември 2024

Продолжи реконструкцијата на кумановскиот театар

Продолжи реконструкцијата на кумановскиот театар

Куманово, 29 јули 2024 (МИА) - Почна реализацијата на четвртата фаза од реконструкцијата на кумановскиот театар, информираа денеска надлежните. Во оваа фаза е планирано да се довршат градежните и занаетчиските работи во внатрешноста.

- За четвртата фаза беа предвидени десет милиони денари, на јавниот тендер сумата достигна 7, 2 милиони денари. Планирано е да се постави столарија, да се малтерисува, да се смени санитарија. Оваа фаза треба да заврши за четири месеци, изјави директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски.

Министерството за култура за наредната година одвои 60 милиони денари, а реконструкцијата треба да продолжи и во 2026 за што се одвоени 83, 7 милиони денари. Во претходните три години, почнувајќи од 2021 се спроведоа три фази на реконструкции во кои се уредуваше зградата на кумановскиот театар сместена помеѓу два училишни објекти.

- Очекуваме да добиеме модерен и функционален театар кој ги исполнува светските стандарди за современ театар, изјави Тодоровски.

Двата ансамбли на македонски и на албански јазик, работат во просториите на НУЦК „Трајко Прокопиев“. ам/цр


Фото: Тетар Куманово

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан