• среда, 21 август 2024

Продолжен притворот на осомничените за нападот во Бањска во северно Косово во септември 2023 година

Продолжен притворот на осомничените за нападот во Бањска во северно Косово во септември 2023 година

 

Приштина, 20 август 2024 (МИА) – Основниот суд во Приштина донесе одлука со која на тројцата осомничени Срби за терористичкиот напад врз косовската полиција во Бањска во северно Косово во септември минатата година, Владимир Толиќ, Благоје Спасојевиќ и Душан Максимовиќ, им ја продолжи мерката притвор за по уште два месеци, јави дописникот на МИА од Приштина.

Веста за невладината организација која го надгледува косовското правосудство, „Заклетва за правда“ ја потврди Медина Гаши, стручна соработничка од кабинетот на претседателот на судот.

„... По барање на Специјалното обвинителство на Република Косово за продолжување на мерката притворот во кривичниот предмет против обвинетите В.Т, Б.С и Д.М., Основниот суд во Приштина - Специјалното одделение на 20.08.2024 година донесе Решение и го одобри барањето на Специјалното обвинителство на Република Косово, со што на тројцата осомничени им е продолжена мерката притвор во траење од по два месеци“, се вели во писмениот одговор на Гаши.

Толиќ, Спасојевиќ и Максимовиќ се наоѓаат во притвор од 26 септември 2023 година.

Тие се сомничат за сторени кривични дела „Тешки дела против уставниот поредок и безбедноста на Република Косово“, „Напад против уставниот поредок на Република Косово“, „Подготовка на терористички дела или кривични дела против уставниот поредок и безбедноста на Република Косово“ и „Неовластено држење во сопственост, контрола или поседување оружје“.

Во Бањска кај Звечан, во раните утрински часови на 24 септември 2023 година, беше убиен наредникот Африм Буњаку, а беа ранети уште двајца припадници на косовската полиција. Во одговорот на полицијата што уследи, беа убиени тројца од групата српски напаѓачи, а останатите пребегнаа во Србија откако неколку часа се криеја во православниот манастир во Бањска.

Остани поврзан