• вторник, 24 декември 2024

Претседателот на Милан одби да потврди дали Пиоли ќе остане на чело на тимот

Претседателот на Милан одби да потврди дали Пиоли ќе остане на чело на тимот

Милано, 24 април 2024 (МИА) - Претседателот на Милан, Паоло Скарони одби да потврди дали тренерот Стефано Пиоли ќе биде на кормилото на тимот следната сезона. Шефот на „росонерите“ само увери дека стручњакот ќе го води тимот во преостанатите пет натпревари од тековната кампања.

За време на спортски настан на „Сан Сиро“, Скарони беше прашан дали може да потврди дека Пиоли ќе ја задржи функцијата и за следната сезона.

-Не, нема да потврдам. Пиоли моментално е наш тренер и така ќе остане до крајот на кампањата. Верувам дека Пиоли ќе успее да ги добие потребните натпревари за да го обезбедиме второто место во поредокот. На крајот од сезоната Пиоли и управата ќе дадат проценки за иднината, па дотогаш сакам да ја избегнувам оваа тема, одговори тој.

Новинарите прашаа и како се чувствува менаџерот на „росонерите“ по поразот од Интер со 2:1 во градското дерби со кое „нероазурите“ ја запечатија 20-тата титула.

-Беше напорен и тежок ден. Би сакале одвреме-навреме да го победиме Интер, но акумулиравме премногу порази во низа. Сепак, сезоната не е завршена и треба да се бориме за одбрана на второто место. Сметам дека кампањата е добра, можеби не одлична. Имавме многу повреди и мораме да размислуваме за тоа. Интер целосно заслужи да ја освои титулата. Честитки за Интер, Марота и Антонели, додаде тој. дс

Фото: Архива

Остани поврзан