• вторник, 24 декември 2024

Претседавач со ОБСЕ, Јан Борг од 10 до 13 месецов на балканска турнеја

Претседавач со ОБСЕ, Јан Борг од 10 до 13 месецов на балканска турнеја

Тирана, 7 ноември 2024 (МИА) - Претседавач со ОБСЕ, вицепремиер и министер за надворешни работи на Малта, Јан Борг, од 10 до 13 ноември ќе ги посети Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Албанија.

Балканската турнеја ќе ја почне од Босна и Херцеговина каде ќе се сретне со министерот за надворешни работи, Елмедин Конаковиќ, членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Колегиумот на двата дома на Парламентот и претседавачот со Советот на министри, Борјана Кристо.

Ќе се обрати на настанот по повод 30-годишнината од потпишувањето на Кодексот на однесување на ОБСЕ од страна на Босна и Херцеговина за политичко-воените аспекти на безбедноста. Планирани се средби со граѓански организации во Коњиќ и ќе ја посети мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина.

На 12 ноември ќе ја посети Црна Гора, каде ќе се сретне со вицепремиерот и министер за надворешни работи, Ервин Ибрахимовиќ.

Истиот ден, попладне, ќе допатува во Скопје, каде ќе се сретне со претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши, со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

Тој ќе учествува и на средбата со Тројката на ОБСЕ, заедно со шефовите на дипломатиите на Северна Македонија и Финска. На 13 ноември, последниот ден од неговата турнеја, ќе престојува во Тирана, каде ќе се сретне со претседателот Бајрам Бегај и со министерот за Европа и надворешни работи Игли Хасани.

Борг во трите земји ќе ги посети мисиите на ОБСЕ а ќе се сретне и со граѓански организации. вт

Остани поврзан