• петок, 08 ноември 2024

Премиерот Ковачевски ја посети фабриката за преработка на ориз „Левидиагро“ во Кочани

Премиерот Ковачевски ја посети фабриката за преработка на ориз „Левидиагро“ во Кочани

Кочани, 12 април 2023 (МИА) – Премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски денеска ја посетија фабриката за преработка на ориз „Левидиагро“ во Кочани, што како турска инвестиција веќе осум години успешно работи на домашниот и странските пазари.

Раководството на компанијата информираше дека годишно во капацитетите на фабриката се произведуваат околу 2.500 тони бел ориз, а 80 отсто се пласира на пазарите во Албанија, Косово, Швајцарија, Финска, Србија, Турција, САД и Канада. Инвестирани се сопствени средства во најсовремена технологија за преработка на оризовата арпа и контрола на квалитетот на готовите производи.

-Владата е во секојдневна комуникација со стопанските субјекти со цел да се креираат навремени и таргетирани мерки што се носат и на дневна основа за да го заштитме стандардот на граѓаните, но и ликвидноста на компаниите. Земјоделците и производителите ја имаат нашата поддршка, со мерки преку Министерството за земјодeлство и Платежната агенција, за 300 отсто ги зголемивме субвенциите за оризот и денес имаме историски највисока откупна цена на арпата од 36 до 38 денари за килограм. На 2.364 оризопроизводители им се исплатени субвенциите, а тие добија и „зелена нафта“ со зголемен износ од 1.600 денари од хектар. Воведена е и посебна мерка за набавка на комбајни и мобилни сушари за ориз. Им помагаме на откупувачите и преработувачите да го зголемат извозот и да ги намалат трошоците за амбалажа, што како мерка првпат е воведена во државата, истакна премиерот Ковачевски.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски истакна дека досега се реализирани неколку мерки за финансиска поддршка на оризопроизводителите, во вкупен износ од над 90 милиони денари, а од вчера почна исплатата на дополнителните три денари за предаден килограм арпа.

Генералниот директор на компанијата „Левидиагро“, Јашар Ахмет Озкул упати благодарност за државната поддршка во подобрувањето на пласманот, особено за потпишаната спогодба меѓу македонската и турската влада за бесцарински извоз на кочанскиот ориз во Република Турција. та/мд/

фото: МИА

Остани поврзан