Презентирана Рамката за медиумска писменост во основното образование
- Клучните компетенции кои учениците ќе ги добијат преку развивање на медиумската писменост е критички да размислуваат, паметно да ги користат информациите, да препознаат искажано гледиште, одговорно да креираат содржини и да ја разберат целта на пораките, посочи на денешната панел дискусија професорката Виолета Петроска-Бешка, која е претставничка на работната група за изготвување на Рамката за медиумска писменост во основното образование.
Скопје, 2 октомври 2023 (МИА) - Клучните компетенции кои учениците ќе ги добијат преку развивање на медиумската писменост е критички да размислуваат, паметно да ги користат информациите, да препознаат искажано гледиште, одговорно да креираат содржини и да ја разберат целта на пораките, посочи на денешната панел дискусија професорката Виолета Петроска-Бешка, која е претставничка на работната група за изготвување на Рамката за медиумска писменост во основното образование.
Документот во рамката, која беше презентирана денеска, ги содржи наставните програми за одделни предмети од прво до деветто одделение во кои медиумската писменост е вклучена како посебна тема со дефинирани резултати од учењето, содржини и стандарди за оценување. Овој проект е од 2021 година со новата реформа во делот на основното образование.
На панел-дискусијата „Вклучување на медиумската писменост во основното образование – искуства и предизвици“, проф. Петроска-Бешкапосочи дека преку развивање на медиумската писменост, учениците се оспособуваат за повеќе работи.
-Клучните компетенции кои ги добиваат, се критички да размислуваат, односно да го откриваат значењето на пораките да креираат пораки преку кои ќе можат да го искажат своето мислење, паметно да ги користат информациите, односно да ја утврдат веродостојноста на информациите и да ја открие намерата и техниките во информирањето. Да препознаат искажано гледиште, да ценат различни перспективи и да ги користат информациите за креирање и модификување на сопственото гледиште, рече Петроска-Бешка.
Исто така, една од компетенциите е и одговорно да креираат содржини, да ја препознаат улогата на медиумите во сопствената култура и да ја разберат целта на пораките.
-Критичкото мислење е основна придобивка од медиумска писменост. Да се биде писмен во дигитална ера во која владеат медиуми, значи да се поседуваат вештини за критичко мислење. Помнењето информации, што беше одлика на бивши образовни системи, а се уште за жал е присутен во нашиот образовен систем е многу споредно, во однос на способноста за вреднување на информациите кои се на дофат и нивно интегрирање и поврзување. За да може тоа да се прави, треба учениците да имаат развиено критичко мислење, нагласи Петроска-Бешка.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири рече дека овој проект за медиумска писменост почнал во исто време кога Министерството за образование ги започна најкрупните реформи во делот на основното образование.
Според министерот, медиумската писменост е многу важна во денешно време. Со забрзаниот развој на информациите и технолошките трендови, како што посочи, медиумската писменост станува се поважна вештина која младите мора да ја поседуваат, исто како и писменоста за читање и пишување, за да можат да се справат со комплексната мултимедијална реалност во која живееме.
-Кога имате милион информации и тоа особено на интернет, каде учениците, но и сите ние минуваме голем дел од своето време, морат да научат да анализираат и препознаваат кои се точни вести, а кои се лажни информации и шпекулации со скриени намери. Затоа поддршката од УСАИД за овој проект е многу важна. Во ова клучна улога имаат наставниците кои пак треба да имаат конкретни насоки и материјали за работа, рече Шаќири.
Директорката на канцеларијата за општ развој на УСАИД, Дон Кармин порача дека медиумската писменост ги опремува граѓаните со алатките да ги разликуваат фактите од фикција, и да размислуваат критички за информациите што ги добиваат.
-Владата на САД инвестира во зајакнување на медиумската писменост бидејќи знаеме дека критичкото размислување е од суштинско значење за креирање на поинформирано и инклузивно општество, што е основата на демократијата. Бидејќи живееме во време кога сме преоптеретени со информации, дезинформациите можат да влијаат на нашите одлуки, каква хрена купуваме, какви лекови користиме, и за кои политичари ќе гласаме, рече Кармин.
Во текот на следните три години оваа програма ќе ја интегрира медиумската писменост во сите нивоа на образование и наставните програми во средното образование.
Настанот се организираше во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, што го спроведуваат ИРЕКС, Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието.бт/бак/
Фото/МИА